Достапни линкови

Светските цени го прават производството на пченица исплатливо, сметаат земјоделците


Во неповолните временски услови инерешените имотно-правни односи, земјоделците ги гледаат причините поради кои Македонија увезува пченица.
Кај нас има услови за одгледување на оваа култура, ама и трошоците за нејзина обработка се големи, вели Драган Мицкоски, одгледувач на пченица во прилепско.

„Јас немам ниту една посеано. Се води судски спор пет години, не може да се реши. И колку колеги како мене што имаат земено земја под закуп не може да ја користат, се узурпира.“

Порано беше поисплатливо да се увезува отколку да се произведува пченица дома, оти трошоците за нејзино одгледување воопшто не се мали, посочува Драган Паланков од Струмичкиот регион. Но сега кога цената на пченицата достигна највисоко ниво на светските агроберзи, земјоделците имаат сметка да одгледуваат пченица во Македонија, вели Паланков:

„Вие мора да направите голем трошок, пет до шест денари по килограм, и плус ако мора да наводнувате ќе имате сериозен проблем. Сега, на овие цени, земјоделците имаат математика да садат пченица.“

Сепак, земјоделците ја истакнуваат потребата од поголеми субвенции од државата, но и подобра стратегија за развој на земјоделското производство.
Земјоделските експерти велат дека во земјава постојат ограничени површини на кои може да се одгледува пченица, а како проблем ги посочуваат и неповолните временски услови.

„Ние имаме релативно помали површини од потребните за нормално производство. На сето тоа кога ќе се додадат елементарните непогоди, тоа ги покачува трошоците за производство“

изјави проф. Илија Каров, декан на Земјоделскиот факултет во Штип

Од министерството за земјоделство велат дека Македонија е принудена да увезува пченица оти нема поволни услови за обработка на оваа култура. Земјоделските површини се подобри за одгледување на градинарски отколку за житни кутури, велат оттаму, додавајќи дека во овој момент најдобро е недостигот да се надополнува со увоз. Во меѓувреме од септември минатата година владата одобри издавање на дозволи за бесцарински увоз на пченица, со цел зголемување на стоковните резерви на пченица.
XS
SM
MD
LG