Достапни линкови

Причина за зголемувањето на побарувачката за мобилни се земјите во развој


Тој беше непознат пред неколку декади, но сега многумина неможат да го замислат животот без него, станува збор за мобилниот телефон. 2008-та година ветува дека ќе биде уште една голема година за мобилните телефони. Се прогнозира дека половина од светското население ќе има сопствен мобилен телефон оваа година, а земјите во развој се причина за тој раст.

Пред неколку години, фармерите на банани во Кенија не знаеле која е цената на нивните производи низ продавниците во светот. Како резулатат на тоа, тие ги продавале бананите многу поефтино. Но, сега фармерите имаат можност да ги дознаат цените на нивниот производ во повеќе различни маркети, само со притискање на едно копче – испраќајки порака преку мобилниот телефон до Кенијското земјоделско здружение во Најроби. Џејмс Кунду менаџер во здружението вели:

„Со мобилната технологија фармерите можат да ја дознаат варијабилноста на цените на производите во текот на денот. Па така кога ќе отидат во некоја продавница, можат да ги споредат цените со оние во продавницата, а тоа им овозможува да се ценкаат со трговците за тоа по која цена можат да му го понудат производот. Така трговците неможат да ги измамат бидејќи фармерите имаат мобилни телефони преку кои можат да ги дознаат цените. Тоа е добар бенефит за нив, бидејќи можат да заработат многу повеќе за нивната мака.“

посочува Кунду. Ова е само еден пример како мобилните телефони навистина можат да им го подобрат животот на некои од посиромашните земји во светот. Мобилните телефони ги намалуваат трошоците во бизнисот и исто така ја прават трансакцијата многу побрза. Некои од овие бенефити на мобилната телефонија се наведени и во новиот извештај на Агенцијата за трговија и развој на ОН. Ан-Гха Тран Нујен од оваа организација наведува некои примери:

„Риболовците во Керала, Индија, кои може да дојдат до информации за пазарните цени, па дури и за времето за да го подобрат нивниот улов. Исто така, временските и пазарните информации за земјоделците, повторно во Индија. Исто така постојат земјоделски заедници во Уганда кои може да дојдат до информации од центарот за собирање и размена на локални земјоделски содржини. Има и други примери, на пример во Јужна Африка, Сенегал и Кенија има мобилни сервиси за микро финансии.“

Земјите во развој моментно сочинуваат скоро 60 насто од светските мобилни претплатници. Обединетите Нации соопштуваат дека се работи за зголемување за три пати од пред пет години.
XS
SM
MD
LG