Достапни линкови

Декларацијата за независност едногласно усвоена од Парламентот


Косово прогласи независност. Декларацијата за независност на Косово која се состои од 12 точки едногласно ја усвои парламентот во Приштина на свечена вонредна седница на која се избираа и државните симболи. Во неа е наведено дека Косово е ,,демократска држава и мултиетничко општество“ и оти се определува за градење на мир и стабилност во регионот и за добри односи со сите држави од соседството. Декларацијата за независност пред пратениците ја прочита косовскиот премиер Хашим Тачи при што го нарече денешниот ден „историски за сите граѓани на Косово“.

„Оваа декларација го рефлектира правото на граѓаните и е комплетно хармонизирана со препораките на специјалниот пратеник на ОН Марти Ахтисари. Го прогласуваме Косово за демократска република, мултиетничко општество, кое ќе почива врз принципите на недискриминација и рамноправна заштита. Ќе се залагаме за заштита на правата на сите заедници на Косово.“

речи Тачи. Претседателот Фатмир Сејдиу пак истакна дека Косово има јасна визија и чекори напред кон европските интеграции и дека наскоро ќе бидат донесени уставот и законите согласно планот на Ахтисари.

„Се заблагодаруваме на подготвеноста на Европската Унија за преземање на поголема улога на Косово. Исто така го поздравувме натамошното присуство на НАТО. Нашето ветување е дека ќе продолжиме со соработката со воените и цивилните претставници на Косово.“

изјави Сејдиу. И двајцата косовски лидери, Тачи и Сејдиу во говорот пред Собранието, во еден дел се обратија и на српски јазик. Веднаш по прогласувањето на независност уследија реакции од српскиот претседател Борис Тадиќ и премиерот Восилав Коштуница. Тие порачаа дека Србија никогаш нема да ја признае независноста на Косово. Претседателот Тадиќ истакна дека Србија ќе стори се да ја поништи ,,противправно прогласената независност на Косово,, и додаде дека земјата секогаш реагирала и ќе реагира со сите мирни, дипломатски и правни средства за поништување на овој акт. Премиерот Коштуница пак упати остри критики до ОН и Соединетите држави за уривање на меѓународниот правен поредок. Русија го осуди прогласувањето на независност на Косово и веднаш побара итна седница на Советот за безбедност на ОН на која ќе се донесат мерки со кои решавањето на косовското прашање ќе се врати на политичко ниво. Соединетие држави пак, соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата со Косово и дека го разгледуваат прашањето и дискутираат со европските партнери.
Инаку, огромен број граѓани на плоштадот во Приштина и другите косовски градови, еуфорично ја прославуваат косовската независност. Прослави има и во Албанија и во повеќе други земји каде живее албанско население. Додека на Косово се слави, спонтано собирање во знак на протест има во Белград, во некои други области во Србија како и во Република Српска.
XS
SM
MD
LG