Достапни линкови

Изолација од Запад за Србија ако примени мерки за земјите што ќе го признаат Косово


Политичка и економска изолација од Запад. Со тоа ќе се соочи Србија доколку го спроведе најавениот пакет мерки против земјите кои ќе ја признаат независноста на Косово. Ова за Радио Слободна Европа го оценува Томас Донели, експерт од Американскиот Ентерпрајз институт. Според него, Вашингтон е на став дека иднината на Србија е во Европа и затоа ќе влијае врз Брисел да ја ублажи политиката на условување спрема Србија, дури и кај најтврдиот Хашки услов.

Мерките против земјите кои ќе го признаат независно Косово, според американскиот аналитичар Томас Донели, би биле економска и политичка катастрофа за Србија. Тие, како што додава тој, само ќе и годат на српската национална гордост и ништо повеќе:

„Тоа би било истрел во сопствена нога, затоа што Косово без оглед на таквите намери ќе биде призанато од Соединетите Држави и повечето членки на Европската Унија. Казнените мерки од страна на Србија сигурно би имале за последица економско и политичко одвојување на Србија од Запад.“

Вели Донели додавајќи дека потпирањето врз Русија, доколку Србија повторно се определи за тоа ќе биде страшен избор во светлината на фактот дека другите балкански соседи забрзано и со голем ентузијазам се интегрираат во Европската Унија. Во врска со тоа како маѓународната заедница ќе реагира на можноста Северот на Косово, со поддршка од Белград, да се формира како посебен ентитет со што и де факто ќе дојде до поделба на Косово, Донели оценува:

„На меѓународната заедница тоа секако нема да и се допадне. Но, од друга страна таквиот тек на настаните е целосно очекуван. Јасно е дека меѓународната заедница ќе ги штити правата на Србите во постојните граници на Косово. Мислам дека иднината на северно Косово и на целата српска заедница на Косово ќе зависи од тоа како ќе се однесува владата во Белград, но и од тоа дали косовските албанци ќе се определат за максималистичка или умерена политика.“
XS
SM
MD
LG