Достапни линкови

Противникот е фаворит, но имаме адути за рамноправна борба, велат од Металург


Без императив за триумф, но со надеж дека може да се постигне најголемиот клупски успех, ракометарите на Металург го очекуваат неделниот реванш 1/8 финален меч од Купот на ЕХФ против шпанскиот Гранољерс. На тој меч, единствениот македонски претставник во евро куповите ќе замине со три гола предност од првиот дуел во Скопје, каде двојниот освојувач на Купот на ЕХФ беше зрел и за поубедлив пораз. Факт кој со убеденоста дека може да се одигра и подобро, го подгрева оптимизмот пред решавачките 60 минути.

„Не знам дали противникот може да одигра подобро, а мислам дека ние имаме простор да корегираме некои работи и во одбрана и во напад. Мора уште малку да поработиме на некои елементи, но најзначајно е тоа што физички сме подготвени за напорите кои не очекуваат во Барселона, каде нема причина да бидеме оптоварени со било што, бидејќи со влезот во осминафиналето исполнета е целта за оваа сезона.“

Изјави тренерот на Металург, Јошко Петковиќ, кој втор пат со македонски тим игра против Гранољерс, откако пред 11 години беше поразен со Јафа Промет. Исто како и Вардар една година претходно, но и како сите наши клубови во дуелите со екипи од Шпанија. Факти поради кои се признава дека противникот е фаворит, покрај убеденоста дека имаме адути за рамноправна борба.

„Македонскиот и шпанскиот ракомет не можат да се споредат. Ако кажам дека моите играчи се поквалитетни од шпанските би се лажел и себе и јавноста. Тие се многу поскапа екипа и поединечно подобри, но моите играчи како колектив не се послаби од Гранолерс. Поединечно разликата е голема, но како колектив не заостануваме зад нив. Особено со максимална ангажираност. Тоа е оружјето со кое верувам успешно ќе се спротиставиме во Барселона.“

Додаде Петковиќ чиј оптимизам ја зголемува самодовербата кај играчите. Особено по победата во Скопје. И тоа со игра од која не се задоволни.

„Имавме премногу грешки во првото полувреме, мислам дека тоа не треба да се повтори и очекуваме подобра партија од она што го видовме во Скопје. Мора да ја задржиме концентрацијата и да ја подобриме играга во одбрана, што ќе биде клучна на гостински терен.“

Вели пикерот Ванчо Димовски, а Филип Миркуловски очекува трите гола да се покажат недостижна предност и поради тоа што Металург игра подобро на гости.

„Три разлика немора да значат ништо. Ние одевме на победа, сепак победивме со три разлика, но можеше и повеќе. Сепак мислам дека ние можеби и подобро играме на гостински терен, бидејќи не се преоптоварени.“

Изјави Миркуловски.
XS
SM
MD
LG