Достапни линкови

Во тек политички и безбедносни подготовки за прогласувањето независност


На Косово се во тек политички и безбедносни подготовки за моментот на прогласување независност. Според некои неофицијални најави, тоа би требало да се случи на седумнаесетти овој месец. Има и наводи дека тогаш Косовското собрание само ќе изразело намера за прогласување независност, која потоа ќе била прогласена во почетокот на март. Истовремено, косовската полициска служба соопшти дека го спроведува планот Статус и оти се било подготвено за секој вид ситуација.

И додека политичките лидери работат на текстот на Декларацијата за независноста на Косово, за која деталите се уште не се познати, институциите се подготвуваат за имплементирање на планот на специјалниот претставник на Обединетите нации Марти Ахтисари. Спроведувањето на овој план со кој се предведува надгледувана независност и законски гаранции за српската заедница, се смета за една од главните задаќи во пост статусниот период. Битно е, како што се додава, да се заокружи законската инфраструктура со цел Косово, по прогласувањето на независноста да функционира како држава. Тоа значи дека покрај изборот на државните симболи, знаме и грб, треба да се усвојат и триесет и четири закони. Скенедр Дурмиши, координатор на работната група за изработка на законите, вели дека во овој процес учествуваат кососвките институции, опозицијата, како и претставници на канцелариите на Европската унија и Соединетите држави:

„Ваквата мобилизација ќе доведе до значајни резултати и ние со оптимизам го очекуваме продолжувањето на процесот при што имаме поддршка од нашите меѓународни партнери.“

Вели Дурмиши, додавајќи дека приоритет имаат законите за министерството за надворешни работи, полицијата, патните документи, децентрализацијата. Во меѓувреме, портпаролот на Косовската полициска служба Ветон Елшани изјави дека полицијата го спроведува планот кој се однесува на контрола на ситуацијата на теренот.

„Доколку дојде до еднострано прогласување на независноста, тогаш повеќето од граѓаните ќе слават, но од друга страна ќе има и незадоволство. Наша задача е да внимаваме и на двете ситуации.“

Елшани прецизира дека на северот на Косово се зголемени мерките за безбедност и оти тоа во наредниве денови ќе биде сторено и во другите делови каде што живеаат србите. Со приближувањето на одлуката за статусот на Косово, многумина предупредуваат на тензии и на можни меѓуетнички инциденти. Сепак, од КФОР ја повторуваат увереноста дека мировните сили се подготвени да реагираат на секој можен развој на настаните.
XS
SM
MD
LG