Достапни линкови

Иџет Мемети, Народен Правобранител. Нема подобрувања во делот на состојбата за почитување на човековите права


Г-дине Мемети во очекување на вашиот официјален извештај за 2007 година, што покажуваат анализите, каква е сликата минатата година?

Ако се следи само низ призма на бројките, покажува дека останува истиот тренд, истиот број на граѓани се јавуваат кон оваа институција и тоа како што беше и во 2005, 2006 така продолжуваме и во 2007 година. Континуирано примаме околу три илјади преставки, поточно 2007 година сме примиле 3 029 преставки, што значи дека тој број останува ист во последните години.

Еве и сега има граѓани во вашиот ходник кој што чекаат да поднесат преставки до Народниот Правобранител. Колку можеме да очекуваме дека државата која што многу често си ги крши своите закони, кои што сама си ги донесува, да ги почитува правата на граѓаните?

Видете, тоа е тешко. Не случајно јас по моето доаѓање одлучив да се организира во Македонија и успеав да се организира една меѓународна конференција на која клучна тема ќе биде, соработката на институциите кои ги надгледува Омбдусман институцијата како и соработката на Народниот правобранител со невладините организации и со медиумите. Е сега ако следи прашањето, како тоа кај нас ние го гледаме? Има обиди да се одвива тој натпревар меѓу институциите во општеството, но сеуште сме далеку бидејќи сеуште не сме отворени едни кон други до крај, има проблеми што сеуште се плашиме едни од други, сеуште мислиме дека не работиме за исти цели.

Изјавивте дека граѓаните не се запознаени во голем дел со вашата работа. Вие сте три години на функцијата чија е вината што народот сеуште не знае како да се одбрани од државата?

Прво би рекол дека оваа институција е млада, оваа година ќе наполни десет години од функционирањето. Меѓутоа од друга страна можноста за заштита на човековите права има и одредени ограничувања, затоа што не е доволно институцијата Народен правобранител да се грижи само тогаш кога граѓанинот се јавува и бара одредена помош, туку јас поинаку тоа го гледам, дека НП треба да делува и на два други многу битни пунктови, а тоа е промоцијата на човековите права и општото согледување како тие се почитуваат во нашето општество. Кај првото, кај промоцијата навистина се потребни огромен број на средства за да се промовираат човековите права, што нашата институција навистина ги нема. Вториот дел неканцелариското работење, почнавме од 2005 година наваму да го воведуваме. Кога почнаа да ги преплавуваат инсититуциите со директно побарување на предметите, почна еден страв од институциите кои ги надлгедуваме дека кој знае што се случува сега, кој знае што бараат, што ќе најдат. Не ни е целта да најдеме нешто страшно, целта ни е да дојдеме до вистината.

Токму кон поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Михајловски имавте големи критики, каква е соработката сега со Јанкуловска?

Јас неможам да кажам дека сум задоволен со соработката, неможам да кажам дека до крај во ред ги тераме постапките. Постојано потенцирам во јавноста, дека додека во тоа време имаше поголема бариера за наш пристап до информациите, таа бариера малку се ослободи, но не во толкава мера за да можеме да им помогнеме на граѓаните колку што треба и колку што може. Истрагите внатре во МВР јас сум убеден затоа што тоа го чувствувам, низ работата, низ бројките, не се водат на широк план, туку имаат белег на еднострани истраги. Ние како да имаме некоја мана, постојано кога ни се случуваат вакви групни кршење на човекови права како да ги забошотуваме, како бавно да ги развиваме таквите постапки. На сметка на тоа како општество, што е лош индикатор ова што ќе го кажам за општеството, се обидуваме од причина што многу сме исполитизирани како општество во секое поле, дали се работи за невладиниот сектор, па и меѓу средствата за јавно информирање, во едно општество кое е мултиетничко кое бара многу внимателност во сите вакви ситуации, ние многу бргу ,,налетуваме,, на она што значи ситна работа, ситно профитирање било политичко, или некакво друго, а на сметка за жал на крупна државна работа.

Токму за случајот Бродец некои политички партии побараа ваше разрешување. Имате ли политички притисоци како Народен правобранител?

Видете јас директни политички притисоци никогаш не сум имал. Меѓутоа имам упатено апел до сите, кои што во тоа време ме прозиваа, да ја остават институцијата не заради мене, туку поради институцијата да си ја води истрагата како што треба. Неможе институцијата Народен правобранител, и не само оваа институција, каква сакаш екипа да имаш, истражувачка екипа, еве што се случува сега со хеликоптерската несреќа, поминуваат денови, недели неможат да утврдат со точност причините... И тука јавно им порачав да не остават да работиме и тоа најпрво да работиме на тоа што значи да видиме дали се почитуваат сите стандарди по однос на третманот за нивното здравје, потоа и покрај тоа што паралелно отворивме постапка за начинот како постапила полицијата, како била планирана акцијата итн. значи за нас најбитно беше животот на тие што беа приведени и затоа ние се ,,нафрливме,, во здравствените институции, во казнените установи, за да видеме како тие се третираат таму, да вршиме одреден вид притисок за да институциите со највисок вид на хуманост постапуваат во ниниот третман. Тој случај за Бродец ние го затворивме на начин што целокупниот материјал го доставивме до Јавното обвинителство, тоа што собравме од наш аспект, а знаете дека институцијата е доста ограничена за тие работи и исто така го информиравме собранието, односно Комисијата за човекови права со детални информации.

Со оглед на тоа дека во медиумите се почесто може да се видат снимки од обвинети кои што ги приведува полицијата, дали имате преставки од граѓани за кршење на презумпцијата на невиност?

Видете ние сме имале неколку такви постапки, не многу бројчано, отколку што во медиумите сме виделе. Ние сме воделе три такви постапки, сме излегле со општ став во јавноста дека тој уставен принцип, дека човекот, државјанинот на Македонија, а и другите луѓе кои живеат во Македонија, треба да се сметаат невини се додека со судска одлука тоа не се докаже.
XS
SM
MD
LG