Достапни линкови

Која е натамошната стратегија за Косово?


Заедницата на српските општини и населени места на Косово побара итна седницана Српскиот парламент, посветена на натамошната стратегија за одбрана на Косово, како неодвоив дел од суверена Србија. Претходно лидерот на Српската демократска партија на Косово Славиша Петковиќ изјави дека трите пратеници од неговата партија ќе го напуштат Собранието на Косово доколку дојде до еднострано прогласување на косовската независност.

Ваквите потези и изјави дојдоа откако кососвките лидери најавија дека во текот на овој месец ќе биде прогласена независноста на Косово.

„Прашањето со косовската независност е готова работа. Побарано ни е да ги финализираме сите детали. Како што можете да видите, косовската влада и сите наши институции се целосно посветени тоа да се одвива на најдобар начин.“

вели косовскиот премиер Хашим Тачи. Реагирајќи на ваквите изјави лидерот на Српската демократска партија и пратеник во косовското собрание со коментар дека во таков случај неговите пратеници ќе ја напуштат работата на парламентот. Според него, Српската демократска партија нема да му дозволи на никој, па ни на парламентот на Косово да го крши меѓународното право и резолуцијата дванаесет четириесет и четири.

„Тие што ќе се решат за еднострано прогласување независност, мораат да се соочат со последиците и со се она лошо што ќе се случи по таквиот чекор.“

Изјави Петковиќ. Косовските лидери најавија дека во Собранието ќе биде донесена одлука за статусот, но по консултации со Вашингтон и Брисел. Според претседателот на собранието Јакуп Красниќи тоа сепак ќе биде сторено независно од донесувањето на одлуката на Европската Унија за испрачање нејзина мисија на Косово. Вчера во Вилнус, генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер најави дека Алијансата ја нема водечката улога во надгледување на ситуацијата на Косово и оти тоа е задача на КФОР кој е под мандат на Обединетите нации.

„Ова е чувствителен период за Косово и за регионот. Сите страни треба да покажат максимум воздржаност и лидерите на сите заедници сносат одговорност да го зачуваат мирот.“

Изјави Схефер, додавајќи дека КФОР ќе реагира брзо и решително на секоја закана по стабилноста

„КФОР ќе остане колку што е потребно за да обезбеди стабилноста на Косово, како и сигурноста на граѓаните.“

Притоа, како што рече Схефер КФОР ќе биде неутрален и нема да застане во одбрана на ниту една страна.
XS
SM
MD
LG