Достапни линкови

Зоран Ставревски, потретседател на Владата: Очекуваме поголем број на странски, но и домашни инвестиции во 2008 година


Во кој дел измените на законот за енергетика што се однесуваат на ЕЛЕМ, добија поддршка од Европската Комисија во Брисел, а кои не добија, со оглед на дополнителните измени?

Измените на законот за енергетика се однесуваат на енергетскиот пазар во Македонија, а не на ЕЛЕМ, МЕПСО или ЕВН и тие ги опфаќаат сите правила на игра на енергетскиот пазар. Во тој дел имавме поддршка за динамиката на либерализација што ја предложивме. Значи да биде постепена, да не дојде до нагло отворање на пазарот што би било на штета на граѓаните или фирмите во Македонија, посебно на помалите претпријатија. Втора работа што Брисел ја прифати, е правилото дека сите комерцијални загуби во дистрибутивната мрежа, ЕВН треба да ги покрие по пазарни цени, значи да ги снабди со увоз. Трето, она што го модифициравме, значи што Брисел побара да го корегираме и ние го прифативме, тоа е да се укине функцијата снабдувач на големо, што значи дека наместо ЕЛЕМ да има функција на снабдувач на големо, ЕЛЕМ и ЕВН директно да склучат билатерален договор за снабдување на тарифните потрошувачи. Тоа значи дека ЕЛЕМ ќе биде регистриран производител и во исто време ќе има трговска фирма која што ќе ги продава вишоците, ноќните посебно, а ЕВН исто така ќе биде регистриран како снабдувач на тарифните потрошувачи и дистрибутер. Тоа е решението усогласено со Брисел, што оди во конечната верзија на законот што ќе биде поднесен до Собранието.

Енергетиката е клучна гранка во овој момент. Соседните земји на големо се подготвуваат за изградба на гасоводи, нафтоводи со руска поддршка. Кога може да се очекува реализација на проектите за гасификација со компензација на рускиот долг кон Македонија?

Ние ги направивме сите подготовки од наша страна и како што знаете го усогласивме и текстот на договорот со Русија за компензација на долгот преку реализација на инвестициони проекти првенствено за гасификација во Македонија. Меѓутоа заради интерни нивни кадровски прашања, по кои следеа избори и сега се очекува назначување на нов претседавач од нивна страна, процесот се одолговлечи. Нема нешто што ние можеме да го направиме повеќе од ова, освен што одвреме навреме инсистираме да се забрза тој процес, да се назначи конечно од руска страна претседавач за да може да се потпише тој договор што го усогласивме. Од друга страна ние упативме покана и најверојатно ќе имаме посета од Гаспром во текот на февруари со цел да се разговара за некои детали околу самите проекти.

Привлекувањето на странските инвеститори е во врвот на приоритетите на оваа влада. Деновиве имавме можност да чуеме забелешки од некои инвеститори како ЕВН, Лукоил. На што сметате дека се должат овие реакции?

Мислам дека е значајно да видиме какви се вкупните реакции на инвеститорите и тие во целина се многу позитивни за подобрувањето на бизнис климата во Македонија, но секако има поединечни инвеститори кои поради едни или други причини имаат одредени забелешки или сугестии во делот на подобрување на бизнис климата. Не би сакал да го елаборирам настапот на одредени инвеститори или да се осврнам зошто ЕВН коментирал за одредени прашања во бизнис климата, мислам дека е доволно јасен случајот и доволно третиран во јавноста. Со Лукоил имаме одлична соработка, како што знате таму имаше прашања кои ги наследивме од имотно-правна природа. Ние пробуваме да ги забрзаме тие процеси, меѓутоа се додека Лукоил инсистира на тие локации, ние неможеме посериозен прогрес да направиме, но во мегувреме ние понудивме други локации, дел од нив Лукоил прифати така да, во 2008 година ќе имаме поголема реализација за разлика од 2007 година.

Дали ги детектиравте пречките кои ги одвлекуваа странските инвестиции од нашата земја, со оглед на тоа дека по бројот на директни странски инвестиции соседите се далеку пред нас?

Да, тука навистина Македонија во сиот транзициски период значајно заостануваше зад земјите од регионот. Тоа е процес, и тоа незначи дека ќе може да се смени преку ноќ. Значајно е дека 2007 година донесе некои нови поголеми компании што се големи имиња, 2008 година очекуваме врз база на подобрената бизнис клима, но и политичките услови кои ќе донесат перцепцијата за Македонија да биде подобра, да дојде до поголем износ на странски, но и домашни инвестиции. За нас се подеднакво битни, ако не и побитни и домашните инвеститори да почувствуваат дека имаат добра бизнис клима за реализација на нивните инвестиции, така што очекувам 2008 година да биде една успешна година за Македонија.

Го презедовте претседавањето со Генералното собрание на светската банка, дали ова ваше назначување може да има влијание врз Македонија?

Секоја позиција што македонец ја добива во вака реномирани финансиски или политички инситуции е корисна за земјата, затоа што прво претставува признание за Македонија како една мала земја да добие кандидатура и претседавање со Светската Банка и ММФ за 2008 година. Второ претставува и лично признание со оглед на тоа дека ќе можам преку таа функција да ги реализирам контактите кои што се потребни за промовирање на Македонија, не само на економски план, се разбира и на тој план, Светска Банка веќе ја поддржа земјава со нов пакет од 280 милиони долари потенцијално кредитирање за инфраструктурни и други проекти, меѓутоа е значајно и политички да се поентира. Тоа ќе може да се направи со оглед на тоа дека ќе имам чести средби со највисоките раководители од ММФ и Светска банка и во тие разговори ќе се обидам максимално да лобирам за сопствената земја и да ги искористам нивните познанства за да ги оствариме оние цели, а тоа се членството во НАТО и добивањето датум за преговори со ЕУ во 2008 година.

Во светот се случуваат турбуленции на економските пазари, рецесија на економијата на САД, пад на индексот на берзите. На што се должат овие случувања и можат ли тие да се одрзат и кај нас?

Светските финансики текови имаат циклуси и како и претходно што се случувало после одредени периоди на брз раст, се случува да дојде до корекции, до успорувања, па дури и до посериозни рецесии. Секако прерано е да се каже дали во таа насока ќе одат сите случувања. Меѓутоа во секој случај потребно е дополнително внимание од страна на креаторите на економската политика во однос на движењата на стапката на инфалција, стапката на кредити. Македонија засега најдобро стои од аспект на контролата на инфлацијата и мислам дека тоа така ќе остане со оглед на тоа дека монетарната и фискалната политика се така поставени да нема некои посериозни опасности, но сепак треба да сме внимателни.

Кај нас има голем пораст на цените. Како владата размислува да го заштити стандардот на граѓаните од овие поскапувања?

Општ пораст на цените има секаде со тоа што кај нас е понизок за разлика од земјите од регионот. Од друга страна постојат ограничен број на инструменти со кои владата би можела во една пазарна политика да влијае на тоа, значи може да влијае преку водење на разумна монетарна и фискална политика, а заштитата на стандардот на граѓаните се обезбедува преку пораст на плати и пензии кој што веќе се случи, преку социјална помош, субвенции и слично.

Колку последните случувања со НСДП влијаат врз стабилноста на владеачката коалиција?

Мислам дека тоа е интерно прашање на НСДП, очекувам дека партијата ќе најде решение и ќе излезе појака. Ние како коалиционен парнтер остануваме отворени за разговор доколку има прашања што се однесуваат на внатрешнтие односи меѓу коалиционите партнери, тоа истото се однесува и на ДПА. Коалицијата засега функционира добро и мислам дека овие случувања нема да имаат никакви реперкусии.

Иако премиерот рече дека нема можност од предвремени избори, останува оваа тема во јавноста. Дали со оваа негова изјава е исклучена оваа можност?

Ние остануваме фокусирани на она што го работиме. Потребно е многу енергија и многу време за да се реализираат економските и други проекти кои што ги предивидуваме за да се подобри животот на граѓаните и ние засега сме фокусирани на тоа и се друго останува во сверата на шпекулации во јавноста и размислување на одделни политички структури или било кои други структури кои се занимаваат со ова прашање, меѓутоа ние засега работиме на она што го ветиме на граѓаните да го оствариме на таков начин како што е ветено, и мислам дека тоа е најважното.
XS
SM
MD
LG