Достапни линкови

Косово ќе прогласи независност по изборите во Србија


Во координација со Европската Унија и Соединетите држави по изборите во Србија, Косово ќе прогласи независност, вели во интервјуто за Радио Слободна Европа аналитичарот од американскиот Институт Хувер Норман Наимарк. Тој додава дека земјите од Европската Унија кои се противат на независноста, на крајот ќе го признаат Косово.

По изборите во Србија, Косово во соработка со западот ќе прогласи независност, вели аналитичарот Норман Наимарк. Тој посочува дека влијателните земји на ЕУ и Соединетите Држави знаат дека косовскиот статус повеќе неможе да се одложува, бидејќи тоа само ја отежнува ситуацијата:

„Сметам дека Косово веќе требаше да биде независно. Но сега во пракса, владата на Косово треба да работи заедно со ЕУ и Соединетите Држави. Затоа се надевам дека кога тие велат оти независноста е ,,прашање на денови“ тогаш тоа значи дека ја завршиле задачата со Вашингтон и Брисел и се подготвени за донесување на координирана декларација.“

вели Наимарк кој смета дека независноста ќе биде прогласена врз основа на планот на Марти Ахтисари, што гарантира некој вид културна и политичка автономија за србите. Тој посочува дека доколку тоа се случи и доколу се обрне внимание на безбедносните прашања, се воспостави мисија на ЕУ, тогаш се може да заврши безболно и без крвопролевање. Со решавање на косовскиот статус ќе се реши и проблемот кој предизвикува нестабилност на Балканот:

„Сметам дека косовските срби, посебно оние кои што живеат на северот, ќе се навикнат на независноста на Косово. Некои говорат дека независноста ќе биде фактор за нестабилност, но јас мислам дека без независност, Косово ќе произведува нестабилност.“

Наимарк оценува дека оние земји од ЕУ кои сега се противат на независноста на Косово на крајот ќе го сменат своето мислење:

„Некои земји на Европската Унија како Кипар, Грција и можеби Романија, се противат на незавосноста на Косово, поддржувајќи ја позицијата на Србија. Сепак верувам дека со исклучок на Русија, големите европски држави, Италија, Франција, Германија и Велика Британија ќе го признаат Косово, а на крајот тоа ќе го сторат и останатите земји.“

посочува аналитичарот Наимарк од американскиот институт Хувер кој вели дека Србија треба да ги бара своите интереси и иднината во рамките на ЕУ, преку зачувување на добрите односи со Русија.
XS
SM
MD
LG