Достапни линкови

Извесниот влез во НАТО има психолошко влијание на цените, оценуваат аналитичарите


Најавата дека Македонија би можела да добие покана за членство во НАТО на самитот во април создаде за едни фама за други реален психолошки ефект врз економската логика и очекувања. Трговците со недвижности веќе се соочуваат со нова состојба. Становите поскапуваат достигнувајќи според нив вредност несоодветна на пазарот откако сопствениците за 30 проценти ја намалија понудата на становите што ги продаваат.

„Едноставно се стопираат становите, а пак од друга страна побарувачката на станови се зголеми тројно, да не кажам можеби пет пати повеќе, за разлика од минатите години и тоа е претпоставка врз основа на гласините дека цените мора да растат затоа што ќе влегуваме во ЕУ и НАТО.“

вели овој вработен во агенцијата за недвижнини. Сето ова е уште едно искуство од земјите кои пред нас влегле во НАТО кое овозможува антиципирање и во нашиот случај, но не треба да се очекува дека тоа така брзо ќе има ефекти какви што се очекуваат во земјава, вели политикологот Дане Талески кој очекува сличен тренд и на берзата.

„И тоа зголемување на цената на недвижностите во Репулбика Македонија пред се е психолошки. Не значи дека по влезот во НАТО недвижностите или акциите ќе вредат повеќе, но тоа значи дека долгорочно земјата ќе се развива позитивно и секоја инвестиција во Македонија би била добра инвестиција,“

вели Талески. Неспорно позитивен ефект од евентуалната покана за членство во Алијансата очекува и професорот Абдулменаф Беџети. Тој појаснува и дека политичката стабилизацијата на земјата со собивањето на еврнтуалната покана за членство во НАТО би создала добри предуслови за економската стабилизација што не значи и директно влијание. Тој смета дека за македонската економија ќе се отвори и многу работа односно потреба за достигнување на стандардите и импелемнтација на норми за функционална пазарна економија што нам ни недостига.

„Сето тоа значи дека во почеток ќе имаме потреба за стегнување на каишот и земање сила, но мора да се наредиме во пазарните однесувања. Секој пат тоа значи пазарно однесување во тој дел, и тоа ќе и помогне на државата да влезе во прав колосек.“
XS
SM
MD
LG