Достапни линкови

Важно е државата да се дефинира себе си патот кон ЕУ, велат македонските интелектуалци


Македонија е во Европа, но само географски, додека социјално, културно и образовно сеуште сме нејзина периферија, велат некои од творците и универзитетски професори со кои разговаравме. И последните анкети потврдија дека над 90% од граѓаните го поддржуваат македонскиот пат кон ЕУ. За разлика од ова единство интелектуалците со различни оценки. За едни Унијата е недостижна и временски и вредносно, за други не треба да се оптоваруваме кога ќе бидеме дел од европското семејство. Да се дефинираме, како, каде и кога, дилеми за Александар Поповски, македонски режисер чии претстави се играат по европските сцени:

„Главната задача која што требаше да ја завршиме во овој период, беше да се дефинираме како земја и како простор, бидејќи ние никогаш не дефиниравме која е темата и идејата на оваа земја. Ние мораме прво да почнеме од самите себе да се менуваме, да ги менуваме своите лоши навики за да станеме дел од таа Европа.“

Борис Трајанов е оперски првенец на светските сцени. Деновиве крај скопските планини го забележавме како промотор на големата еколошка обнова:

„Ние ќе влеземе во ЕУ, дали во 2012, 2014 година, не е битно. Ама кога ќе влеземе во Европа, да влеземе достоинствено, а не како питачи.“

Понекогаш странците се поголеми оптимисти од македонските граѓани. Германистот Петар Раул е веќе втора деценија во земјава. Вели дека македонците не знаат да лобираат, да се промовираат како држава на различности:

„Ако во јавноста нема интересна слика на таа земја политичарите во демографските структури немаат причина да се борат за поголеми контакти со таква земја.“

Не треба да се биде голем оптимист, треба да се соочиме со реалната слика наспроти ветувањата на политичарите, ни рече познатиот неврохирург професорот Спасе Јовковски:

„Ние не сме способни да бараме нешто, кое не ни припаѓа реално. Ние нема да излеземе од Западен Балкан географски, ние можеме да излеземе со нови генерации, со нови сваќања, доколку излеземе од транзиционите процеси за што всушност реков дека се наши фрустрации.“

Евроатлантските сојузи не треба да ги доживувме како цел сама за себе, поважно е каде и како да се менуваме, што да сочуваме како македонска вредност во прифаќањето на европските стандарди, зборуваат режисерот Поповски, баритонот Трајанов и универзитетските професори Раул и Јовковски.
XS
SM
MD
LG