Достапни линкови

Аналитичарите оценуваат дека ваквото сценарио не е многу веројатно


Деновиве сплитскиот весник Слободна Далмација објави, повикувајќи се на добро информирани дипломатски извори, дека рускиот генералштаб разработува планови за изградба на руски бази во Србија и Република Српска, по должината на реката Дрина. Аналитичарите сметаат дека има засилен интерес на Москва за Балканот, но оценуваат дека ваквото сценарио не е многу веројатно.

Од руските бази, како што пишува Слободна Далмација, со интерконтинентални ракети со нуклеарни боеви глави, насочени кон Соединетите Држави, би можело да му се парира на американскиот ракетен штит што НАТО планира да го распореди во близина на европскиот дела на руската територија. Според истиот извор, властите во Белград, поради американската поддршка на независноста на Косово се решил за поцврсто политичко, воено и економско сојузништво со Москва. Еден од познавачите на геостратегиските прашања, професорот по меѓународни односи од Загреб Радован Вукадиновиќ вели:

Во рамките на активизизацијата на руската политика може да се гледа и на засилената активност на Москва на Балканот. Треба да се каже дека рускиот капитал влегува во Србија и Црна Гора, а паралено со тоа одат и политичките активности.

Вели Вукадиновиќ кој сепак оценува дека со сигурност не може да се каже дали тие ќе бидат проследени и со некои воени потези. И во Белград со скпетичност гледаат на информацијата за можни руски воени бази на Балканот. Во српското министерство за одбрана велат дека не станало збор за такви планови, а професорот на Факултетот за безбедност Зоран Драгишиќ смета дека таа веројатност е сосема мала:

Ни во Белград, ни во Москва, колку што знам, за тоа сериозно не се размислува. Таа вест има една логична грешка, бидејќи ако Русија ги штити своите економски интереси на Балканот, што е со руските економски интереси во другиот дел на Европа.

Според Драгишиќ, светот е сменет и сега Русија настапува со своите економски предности, а не со распоредување ракети како што било во пеесетите години од минатиот век. И воениот аналитичар од Москва Александар Голц не гледа, како што вели никаква реална причина за да разместува свои сили на Балканот:

Искрено говорејќи, јас сум повеќе од скептичен. Никој од руските официјални лица не ја навести можноста за изградба на воени бази во Србија и Република Српска. Русија има ограничени ресурси за воени активности.

Потсетувајќи дека Русија ги повлече своите трупи од Косово, пред се поради финансиски причини, Голц на став дека Москва и натаму само вербално ќе го поддржува Белград во врска со идниот косовски статус.
XS
SM
MD
LG