Достапни линкови

Од Сојузот на синдикати на Муратовски велат дека тој е нелегален


Со потпишувањето на колективниот договор за јавниот сектор работниците ќе добијат поголеми права, синдикалните претставници ќе бидат заштитени од притисоци, еднаш годишно ќе се утврдува минималната плата, а за работа во недела ќе биде исплатуван соодветен надомест. Вака првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати, Раско Мишкоски ги објаснува ефектите откако колективниот договор ќе стапи во сила:

„Оние права кои не се ограничени со законот, ние со овој договор ги зголемуваме односно во оној дел од законот каде нема износи или проценти ние ги утврдуваме со овој колективен договор.“

Токму општиот колективен договор за јавниот сектор ги налути Сојузот за синдикати на Македонија. Претседателот на Сојузот, Ванчо Муратовски вели дека конфедерацијата на слободни синдикати нема легитимно право да потпишува вакви договори, оти како што вели ССМ е мнозинскиот синдикат во земјава:

„Јасно е дека владата си бира партнер кој им е по воља. ССМ им пречи како парнтер бидејќи бара за своите членови, за работништвото повеќе од она што владата може да даде.“

Од Конфедерацијата за слободни синдикати пак велат дека сојузот на синдикати не успеал да го собере потребниот број членови, или според законот за работни односи цензусот од 33 насто од вработените во јавниот сектор, за да може да се вклучи во преговорите за општиот колективен договор:

„Сојузот на синдикати не успеа да собере 33 % членство и затоа не се вклучени во преговорите.“

Вели Мишкоски. Според Муратовски колективниот договор е спорен, бидејќи Сојузот на синдикати воопшто немал увид во преговорите и содржината на договорот.

„Во строга тајност се чуваше сиве овие месеци на ,,народно преговарање“. Ние немаме поим што содржи тој Колективен договор. За ова ќе бидат информирани и меѓународните фактори и советот на Европа, па нека видат што се случува. На владата очигледно не и важно што мисли светот надвор.“

Муратовски. Од министерството за труд и социјална политика велат дека сите останати синдикати биле поканети активно да се вклучат во преговорите, но дека од сојузот на синдикати не присуствувале претставници. Оттаму додаваат дека синдикатите имале обврска да ги достават податоците за бројноста на своето членство и дека по пребројувањето на истите било докажано дека Конфедерацијата за слободни синдикати го има мнозинството во јавниот сектор, поради што владата одлучила да преговара со неа.
XS
SM
MD
LG