Достапни линкови

Време е за решавање на косовскиот статус


Шефот на УНМИК Јоаким Рикер вели дека е време за решавање на косовскиот статус и дека институциите на Косово се „зрели“ за политички статус. Тој во разговорот за Радио Слободна Европа вели дека нема да има поделба на Косово и дека северот е интегрален дел од косовската територија.

Натамошниот процес за исполнување на стандардите ќе зависи од статусот, а косовските институции веќе се подготвени за политички статус, изјави шефот на УНМИК Јоаким Рикер. Во пресрет на извештајот што на 16-ти јануари ќе го презентира во Советот за безбедност на ОН, Рикер вели дека станува збор за технички и јавен документ за исполнувањето на стандардите и работата на УНМИК. Тој уште потестува на неодамнешниот извештај на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во кој беше истакнато дека натамошното одложување на статусот на Косово може да предизвика дестабилизација на регионот:

„Прашањето за статусот е споменато онака како што во својот извештај наведе и генералниот секретар на ОН, а во кој се вели дека е потребно итно решавање на статусот на Косово. Така мислиме и ние во УНМИК. Напредокот во исполнувањето на стандардите зависи од статусот, таква е состојбата на теренот и ние мораме за тоа да известиме.“

Рикер посочува дека УНМИК нема мандат да коментира каков ќе биде статусот на Косово и како тоа ќе се решава, но вели дека УНМИК помага во тој процес и изразува надеж дека тоа прашање наскоро ќе биде завршено:

„Се надевам дека процесот на утврдување на статусот на Косово ќе биде решен наскоро. Тоа сепак е работа на меѓународната заедница и на оние кои се ангажирани во тој процес. Она што можам да кажам е дека Косово е подготвено да го направи следниот чекор и сметам дека институциите се созреани за политички статус.“

Шефот на УМНИК Јоаким Рикер додава и дека нема да има поделба на Косово:

„Северот е составен дел од Косово и тоа е еден од принципите врз основа на кои се водеше процесот за решавање на статусот. Тоа значи дека нема да има поделба на Косово, а УНМИК, КФОР и привремените институции целосно се придржуваат кон овој прицип.“

посочува Рикер кој на прашањето дали врз основа на планот специјалниот пратеник Марти Ахтисари по одредувањето на статусот ќе има нови избори на Косово, одговара дека за тоа прашање ќе одлучуваат косовските институции.
XS
SM
MD
LG