Достапни линкови

Експертите велат дека Владата не води соодветна социјална политика


„Работев во фабриката Треска ама се затвори и сега немам работа.“

„Владата не ни дава работа. 16 години сум по пазарите, и нема ништо од тоа, само болести остануваат.“


Вака раскажуваат од граѓаните кои во обид да го прехранат своето семејство деновите ги минуваат по улиците. Повеќето од нив се некогашни работници. И по неколку години откако се затвориле фабриките во кои работеле, работа се уште немаат. Министерот за труд и социјална политика Љупчо Мешков вели дека во насока на намалување на сиромаштијата, владата ќе продолжи со отворање на нови работни места. Според него 26 000 лица минатата година добиле работа.

„Преку субвенционирање на вработување, преку развивање на семејни бизниси меѓу пет и седум илјади лица се трудиме преку овие активни мерки да вработиме. Во буџетот се предвидени 300 милиони денари преку кои ќе се кредитира самовработување на одредени лица со добивање на 3 илјади евра за едно невработено лице.“

Според експертите во земјава не се води соодветна социјална политика. Проф. Маја Геровска-Митев вели дека мерките кои ги спроведуваат надлежните не одговараат на реалните корисници.

„На пример вие имате зголемување на обуките за преквалификација, а ако ги погледнете бројките од Агенцијата за вработување повеќе од 50% се лица кои што се невработени и кои што немаат завршено основно образование.“

Според Геровска-Митев актуелните социјални мерки треба да се променат и да бидат насочени кон поголеми надлежности на локалната власт, како и целосно искористување на капацитетите на приватниот и невладиниот сектор.

„Имаме фокусирање на трендот на деинстуционализација, вклучување на приватниот и невладиниот сектор, а од друга страна повторно гледаме наместо истите тие да се искористат, државата во последно време отвара народни кујни значи од друга страна ги задушува оние кои што можеби ќе се јавеле како локални актери да ги задоволат тие потреби.“

Последните истражувања на Европското биро за статистика покажуваат дека Македонците се меѓу трите најсиромашни нации во Европа, со куповна моќ која изнесува само 28 проценти од просекот на Европската Унија. Според податоците посиромашни од Македонија се само Босна и Херцеговина и Албанија. Според најновата анкета дури 42 насто од Македонците кои се вработени се плашат дека ќе го загубат своето работно место.
XS
SM
MD
LG