Достапни линкови

Откажувањето на Лазаров поради односот на РФМ најголем хендикеп


Без најдобриот играч - Кире Лазаров, кој разочаран од односот на РФМ кон него и кон репрезентацијата го замрзна настапот во националниот дрес, машката ракометна селекција на Македонија денеска во Варна ќе ги започне предквалификациите за СП догодина во Хрватска. Тоа е најголемиот од серијата хендикепи со кои се соочи националниот тим во подготвителниот период во кој прво Алушевски реши да ја заврши репрезентативната кариера, по што следеа отказите поради повреда на Стоилов и семејни причини на Ангеловски и Телепњев. Премногу проблеми, кои се одразија на атмосферата во националниот тим, за чие консолидирање би требало да послужат денешниот и саботниот дуел со аутсајдерот Бугарија.

„Сега сме во ситуација, од она што го имаме да ја подобриме атмосферата, да ја надминеме оваа ситуација, да пробаме што побрзо да се консолидираме. На почетокот на квалификациите играме со Бугарија, каде што мислиме дека сме евидентно подобри. Се надеваме дека до 17-ти ќе влеземе во подобра форма и со овие играчи што ги имаме на располагање и тие поседуваат солиден квалитет рамноправно да влеземе во дуелот со Португалија и да си ја бараме својата шанса,“

вели в.д. селекторот Илија Темелковски, кој верува дека неговите избраници ќе одговорат на предизвикот и наредната недела ќе бидат поуспешни и во двобојот со Португалија, главниот ривал за првото место и пласманот во јунскиот бараж.

„Тоа се два натправари. Првиот го играме во Скопје, реваншот во Португалија. Тоа не значи дека тие се во некоја предност со втората дома. Се знае дека меѓусебниот дуел со Португалија ќе биде решавачки. Се работи за квалитетна репрезентација. Ние имаме некои снимки од Португалија, ќе се припремиме на техничко тактички план со нив и можам да кажам дека сум оптимист,“

додаде Темелковски.

Слично размислуваат и играчите, кои најавуваат успешен атак на баражот и за себе, но и за Лазаров, јавно поддржувајќи го неговиот обид за воведување ред во работата на националниот тим.

„Јас како капитен и сите репрезентативци стојат зад таа одлука затоа што се работи за подобри наши денови, а не со некои лоши намери. Ние сме со задача да избориме бараж и се надеваме на негово што поскоро враќање, прогнозираме дека тоа би било веќе во баражот во јуни, со нова атмосфера и подобри услови и план за подготовки,“

изјави новиот капитен Ванчо Димовски, кој со соиграчите влегува во битка за прекин на десетгодишното отсуство од големите меѓународни репрезентативни натпреварувања.
XS
SM
MD
LG