Достапни линкови

Словенија не може да го одработи за ниту една држава од Западен Балкан членството во ЕУ


Она што можат да го направат политичките елити на секоја земја посебно, Словенија не може да го одработи за ниту една држава од Западен Балкан, вели во разговорот за Радио Слободна Европа словенечкиот европарламентарец Јелко Кацин, чија земја од 1 јануари го презеде претседавањето со Европската Унија. Тој додава дека земјите од Западен Балкан ќе мора да ја убедат Словенија и нејзините политичари дека работат на сопствените евроинтеграции бидејќи Словенија го познава балканскиот менталитет и нема да си дозволи да ,,купи“ поинаква приказна.

Словенечкиот европарламентарец Јелко Кацин вели дека приоритет на Словенија како претседавач со Европската Унија ќе биде ратификацијата на договорот за реформа на институциите на Унијата, што е важно за нејзиното натамошно проширување. Што се однесува до европерспективата на Западниот Балкан тој истакнува дека се зависи од работата на самите земји:

„Словенија не може за ниту една држава од Западен Балкан да го одработи она што може да го стори секоја држава посебно, односно нивните политички елити да го одработат за себе. Во ова шестмесечие постојат историски можности Западниот Балкан да се разбуди. Но јас мислам дека тоа најповеќе зависи кога и во колква мера ќе се ,,разбуди,, Србија, бидејќи кога Србија ќе се придвижи на сите останати ќе им биде полесно.“

Европараламентарецот Кацин изјавува дека земјите од Западен Балкан треба да добијат шанса, потсетувајќи дека сепак таа шанса им е дадена одамна, но вели - не е искористена:

„Србија беше ,,затворена“ со години, Македонија не ја искористи шансата која ја имаше, Босна и Херцеговина самата се одалечи. Треба да се каже дека Словенија го познава менталитетот, начинот на однесување и вредноста на изјавите на одредени политичари па поради тоа ќе треба пред се да се убеди словенечкото претседателство, односно нашите политичари бидејќи Словенија не е подготвена ,,да ги купи“ тие приказни затоа што ги познава и Балканот и политичарите и амбициите на секоја од државите.“

На прашањето дали Србија со оглед на случувањата околу Косово, ќе го избере патот на забрзана европска интеграција и ќе го потпише Договорот за стабилизација и придружување во Европската Унија што се најавува за крајот на јануари, Кацин вели:

„Јас би рекол дека Србија сега е во предизборна кампања и ако се слушаат одредени политичари, човек добива впечаток дека сите партии се радикални, но после претседателските избори ќе видиме кои се нормални, кои се проевропски партии и колку им е важно Србија да го надомести сето она што го изгуби досега со самоодалечувањето од Европската Унија.“
XS
SM
MD
LG