Достапни линкови

За сега само еден македонски спортист со исполнета норма, надежта во „валјд картите“


Вајлд картите, наменети за оние кои се крстат во Кубертеновото „Важно е да се учествува“, остануваат главниот адут на македонскиот спорт за настап на најголемата светска сцена. Тоа е случај и на помалку од осум месеци до стартот на ЛОИ во Пекинг, откако по предолимписката 2007 година имаме само еден спортист со исполнета А норма, и тоа натурализираниот борач Мурат Рамазанов. Покрај за јавноста, нешто што е под минималните очекувања и за Македонскиот олимписки комитет.

„Оваа година не беше добра за нас во поглед на олимписките кандидати. Од сите нив, некаде околу 12 луѓе, потенцијални, до сега имаме освоено само една олимписка норма, а тоа е малку,“

изјави директорот на МОК, Насе Насев.

Сепак тој, но и останатите во МОК, веруваат дека до Олимпијадата ќе се променат многу работи и дека на најголемиот спортски настан догодина Македонија ќе настапи со најбројна екипа досега. Покрај надежта дека до таму може да стигнат ватерполистите, кои во март имаат квалификационен турнир, плановите се во Пекинг да имаме десетина спортисти. Оптимизмот за такво нешто го подгрева фактот што покрај Рамазанов, сигурно ќе имаме по два атлетичари и пливачи, благодарение на валјд карти кои се побарани и за други спортови.

„Во моментов имаме пет спортисти, за осум спортисти побаравме „вајлд карти“, очекуваме дека ќе земеме барем две или три вајлд карти со кои бројот на спортистите ќе се подигне на осум и очекуваме барем еден уште еден до двајца да освојат норма. Исто така голема можност за МОК е и можноста за присуство на двајца младинци во младинскиот олимписки камп којшто ќе биде организиран во Пекинг,“

вели генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски, според кого за реализација на овој план добредојдена е најавената финансиска помош од ИОК, но и договорената соработка со Германскиот олимписки комитет за заеднички подготовки за претстојните три ОИ. Сето тоа е добар предуслов за постигнување на целта, за што, според Насев, сепак, неопходна ќе е многу поголема поддршка и од државата.

„Ние како Олимписки комитет преземаме адекватни мерки за соработка со федерациите и спортистите. Календарите се усмерени, знаеме како треба да се припремаат спортистите, но зависи од финансиската моќ на спортистите и федерациите и вложувањата на државата, односно на Агенцијата за млади и спорт,“

додаде Насев.
XS
SM
MD
LG