Достапни линкови

2007 беше неуспешна година на планот на евро и евро атлантските интеграции


Незадоволителни резултати на патот кон евро атлантската интеграција, истакна денеска во своето обраќање пред пратениците претседателот Бранко Црвенковски, кој причината за тоа ја лоцираше, во како што рече огромниот расчекор меѓу декларативните заложби за важноста на ЕУ и НАТО процесите од една, и практичното дејствување од друга страна:

„Зацртаните цели не се остварени. На планот на клучните стратешки определби, евро и евро атлантските интеграции, 2007 беше неуспешна година,“

рече Црвенковски.

Според него, она што е најлошо е тоа што во голема мера, Македонија ја изгуби довербата кај пријателите и партнерите во меѓународната заедница. За некои прашања можевме да расправаме и решаваме догодина и после две години, но многу беше важно да добиеме датум за преговори сега, рече шефот на државата и додаде:

„Ако како индикатор се земе работата на ова Собрание, каде како највисок законодавен дом завршуваат сите предложени закони ќе заклучиме дека најмногу време и енергија се потроши околу проекти кои немаат никаква допирна точка ниту со ЕУ и НАТО процесите, ниту со економијата.“

Дел од говорот посвети и на лошата кохабитација претседател – влада и на релацијата власт – опозиција при што повика на подготвеност за компромиси, јасни приоритети и искрена посветеност на процесот. Во контекст на косовското прашање Црвенковски истакна дека Македонија треба да ја следи политиката на структурите кон кои се стреми, НАТО и ЕУ и додаде дека можни се безбедносни импликации при што земјава треба да е подготвена да се соочи со нив. За спорот со Грција околу уставното име шефот на државата истакна дека постои подготвеност со позитивна енергија и на конструктивен начин да се интензивира учеството во преговорите во рамки на ОН.

На седницата не присуствуваа пратениците од владеачката ДПА, а од останатите партии во владеачјата коалиција, и покрај присуството останаа на ставот:

„Државните интереси ни се поважни од нерегуларните избори за претседател кои се случија кога господинот Црвенковски го доби, нели, мандатот,“

изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешни работи.

Пратениците од опозицијата сметаа дека говорот беше реална слика на состојбата во земјава:

„Добар сигнал е присуството на власта на оваа седница, и ако за жал штетата за Република Македонија веќе е направена. Самото обраќање го оценувам како објективно претставување на ситуацијата во Република Македонија,“

изјави Роза Топузовска Каровска од опозициската ЛДП.
XS
SM
MD
LG