Достапни линкови

Преговорите меѓу Белград и Приштина се завршени


Преговорите меѓу Белград и Приштина се завршени и сега станува збор за суверена одлука за наредните чекори на страните и на државите кои се вклучени во процесот за идниот статус на Косово. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го вели Франк Визнер, американски дипломат кој беше член на меѓународната преговарачка тројка.

Дополнителните сто и дваесет дена преговори меѓу Белград и Приштина имаа за цел да им овозможат на двете страни да ги разгледаат сите опции и да видат дали има простор за некакво компромисно решение, вели Франк Визнер, кој заедно со претставници на Европската Унија и на Русија ја сочинуваше тројката на Контакт групата.

„Од американска гледна точка навистина може да се каже дека разговорите се завршени. По две години преговори и напори што ги вложи поранешниот фински претседател Ахтисари и по сто дваесет дневните интензивни преговори на тројката, дојдовме до заклучок дека ништо не може да ги промени ставовите на Приштина и на Белград.“

Наведува Визнер, додавајќи дека сега е на суверените држави, ангажирани во овој процес да решат како ќе го прифатат тоа, но оти никакви дополнителни преговори не би дале никакви резултати. ,,Тоа што не успеавме да најдеме компромис беше разочарување за нас,, вели Визнер, наведувајќи дека тоа е клучната точка кој ги одредува натамошните потези.

„Русија и Соединетите држави имаат различно гледање на иднината. Веруваме дека е време за одлука и таа ќе биде донесена во договор со меѓународната заедница во наредните недели.“

Во врска со претстојната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации кој на деветнасетти овој месец ќе расправа за извештајот на посредничката тројка Франк Визнер вели:

„Во секој случај деветнаесетти декември е исклучително важен ден за Советот за безбедност. За Косово останува и треба да остане важечка резолуцијата дванаесет четириест и четири. Тоа е клучен документ што му дава право на Советот за безбедност да донесува одлуки, но истовремено тоа да го прават и земјите членки кои имаат своја позиција. “

Вели Визнер, наведувајќи дека што се однесува до Вашингтон таа одлука ќе биде базирана врз планот на Ахтисари, односно надгледувана независност за Косово.
XS
SM
MD
LG