Достапни линкови

Високи камати и сложени процедури се жалат граѓаните


Тешко дека во денешни услови може да си дозволите да купите стан или автомобил, а да не земете кредит од некоја банка, велат некои од граѓаните кои биле или се корисници на одреден вид кредити. Иако признаваат дека процедурата за нивно добивање воопшто не била лесна, сепак биле принудени да побараат финансиска помош.

„Има големи процедури, минимални пензии бараат и што уште не, жиранти.“
„По две три недели се чека за документи, па да се стигне до кредит.“


Повеќето од граѓаните што ги прашавме велат дека банкарскиот систем во Македонија има превисоки каматни стапки, што претставува дополнителен проблем за нискиот стандард на граѓаните.

„Многу се големи каматите, македонскиот народ знаете како е со примањата.“
„Високи се каматите, сто евра плаќам камата за 500 евра.“


Економските експерти објаснуваат дека висината на каматните стапки се определува според неколку предуслови и ваквата проценка не е работа на министерот за финансии или гувернерот на народната банка.

„Каматата се формира и нејзината висина зависи од динамиката на стопанскиот развој. Ако земјата се развива повеќе и бара повеќе кредити. Мене ми беше непријатно кога министерот за финансии рече банките ќе мора да ги намалат каматите. Тоа не е резултат на одлука ниту на министер за финансии, ниту на гувернер на банка“

вели економскиот аналитичар Тихомир Јовановски, кој истакнува дека е вообичаено висината на каматната стапка да биде поголема кога побарувачката е поголема од понудата.

Последните статистички податоци на Народната банка покажуваат дека движењата во банкарскиот систем укажуваат на натамошен пораст на депозитите и кредитите на банките кај приватниот сектор. Имено, во периодот јануари-септември 2007 година, вкупните депозити на банките се повисоки за 21%, при истовремен кумулативен пораст на вкупните кредити на банките кај приватниот сектор за 28,9%.
XS
SM
MD
LG