Достапни линкови

Приштина најавува независност до април, Србија тужба, ЕУ усогласен став


Косово ќе се кординира со Запад за датумот на прогласување независност кој нема да биде подоцна од април, а Србија за евентуалниот таков потег ќе ја тужи Приштина во Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Европската Унија иако блиску до усогласен став, сепак соопшти дека ќе го чека деветнаесетти декември за кога е закажана седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за оваа прашање. Ваква накусо е состојбата со решавањето на идниот косовски статус откако вчера измина и последниот рок за изнаоѓање компромис за проблемот.

Европската Унија вели дека е чекор поблиску во давање единствена поддршка на независно Косово и покрај тоа што Кипар се противи на таквиот потег страхувајќи дека тоа ќе ги поттикне сепаратистие на негова територија. Косовските лидери пак, ја повторуваат нивната намера да почнат разговори со западните сојузници во врска со датумот на прогласување независност.

„Нема веќе простор за натамошни преговори и процесот за идниот статус на Косово, односно независноста, ќе биде координиран со меѓународните фактори.“

Изјави портпаролот на косовскиот преговарачки тим Скендер Хисени, наведувајќи дека прогласувањето независност нема да биде подоцна од април догодина. Реакцијата на Белград на евентуалниот ваков потег ја повтори претседателот на Србија Борис Тадиќ:

„Треба да направиме апсолутно се за да не дојде до таков акт. А ако дојде до тоа, наша работа е да ја поништиме таквата одлука и да ги покренеме меѓународните правни процеси за нејзино поништување. Ако некои земји ја прифатат таквата одлука ние ќе покрене процеси и против владите на тие држави.“

Изјави претсетаделот Тадиќ откако Приштина соопшти дека упатила барање на седницата на Советот за безбедност на која ќе се разговара за Косово да учествува и косовскиот претседател Фатмир Сејдиу. Оваа седница ќе ја чека и Европската Унија, која најавува усогласени потези со Обединетите Нации.

„Ќе постигнеме согласност меѓу нас и со регионот со што ќе се обезбеди подобро решение за стабилноста на Балканот во три насоки: првата е политичка, втората е во поглед на самиот регион и третата е оперативна, односно испраќање наша мисија на Косово.“

рече еврокомесарот Хавиер Солана по состанокот во Брисел на кој шефовите на дипломатиите ги приближиле и ставовите за потребата Унијата што поскоро да потпише Спогодба за стабилицазија и асоцијација со Србија. За Белград, како што оценуваат аналитичарите, голем проблем е токму тоа што интеграцијата во Европската Унија е национален приоритет во исто време кога повеќето нејзини членки се за независно Косово. Или како што изјави вицепремиерот Божидар Џелиќ, Србија нема да го менува Косово за евопска интеграција. Доколку на Советот за безбедност не постигне договор, според косовските срби, ќе следува голема криза, и во однос на европската мисија на Косово.

„Мислам дека таа не е добредојдена што се однесува до српската заедница. Таа мисија е нелегитимна и окупаторска.“

Оцени во Митровица, Марко Јакшиќ од владејачката Демократската партија на Србија.
XS
SM
MD
LG