Достапни линкови

Што сега?


Денеска и официјално завршува крајниот рок на сто и дваесет дневните преговори меѓу Белград и Приштина за идниот статус на Косово. Извештајот на посредничката тројка на Контакт групата во кој се оценува дека не е постигнат компромис меѓу двете страни во петокот му беше предаден на Генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун. Тројката додава дека преговорите биле корисни и оти Блеград и Приштина се обврзале на воздржаност од насилства. Што сега?

Србија и нејзиниот сојузник Русија инсистираат на дополнителни преговори и решение за проблемот само во Советот за безбедност кој на деветнаесетии овој месец ќе расправа за извештајот на тројката. Соединетите Држави и повеќето членки на Европската Унија пак, остануваат уверени дека не постои простор за компромис. Евролидерите на нивниот самит кон крајот на неделава се очекува да се согласат Унијата да ја преземе одговорноста за Косово, според она што и беше предвидено со планот на Марти Ахтисари, а кој беше блокиран од Русија.

„Секако дека начинот на кој ќе се решава косовската криза ќе претставува преседан и не само затоа што тоа го кажуваме ние или не.“

Оценува шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Косовските политичари веќе најавија дека еднострано ќе прогласат независност, но оти тоа ќе се случи откако ќе се консултираат со Вашингтон и со Брисел. Тајмингот веројатно ќе зависи од координацијата меѓу дипломатите на Обединетите нации и на Европската Унија за примопредавањето на мисијата на Косово, но и од датумот на претседателските избори во Србија кој, според локалните медиуми, би требало да биде некаде меѓу средината на јануари и крајот на февруари догодина. Аналитичарите велат дека Запад ќе го чека крајот изборите со цел да се избегне можноста на нив да победат тврдите националисти. За истата цел е можно Србија да добие и поцврсти гаранции за влегување во Унијата. Во меѓувреме, косовските срби, според едно испитување, се се повеќе уплашени за нивната судбина. Седумдесет насто веруваат дека насилството ќе ескалира во моментот кога албанците ќе прогласат независност. Скоро половината од нив пак и најавија напуштање на нивните домови.

„Што се однесува до плановите на моето семејство и моите, ќе го напуштам Косово ако не се чувствувам безбедно и ако немам економски услови за живеење.“

„Јас сум уплашена искрено кажано, не за мене за моите деца. Ако ние го преживуваме сето она што моравме, то се надевам не мора да го прават и нашите деца.“


Велат некои од србите во Косовска Митровица. НАТО веќе соопшти дека ќе реагира на секаков вид насилство.

„Решително ќе дејствуваме против секој кој ќе прибегне кон насилство. Косово ќе остане место каде што албанците, србите и другите ќе живеаат мирно и заедно.“

Изјави генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер. Од друга страна, српската влада и покрај тоа што јавно се противи на поделба на Косово, со години воспоставува паралелни институции во северниот дел на Покраината и ги охрабрува косовските срби да гледаат во Белград на своја престолнина со што сакаат де покажат дека и де факто поделбата не може да се избегне. Тоа пак ја отвора можноста и за одвојување на Република Српска од Босна. Сето тоа, според аналитичарите, внимателно се следи од албанските малцинства во Македонија и во јужна Србија, каде што некои екстремни лидери веќе говорат за менување на територии во случај на поделба на Косово. И покрај тоа што Косовската ослободителна армија беше разоружана по НАТО интервенцијата во деведесет и деветата година се верува дека десетици илјади парчиња оружје се уште се во Покраината и то пред се во рацете на криминални групи.
XS
SM
MD
LG