Достапни линкови

Убедлива победа на партијата на Путин


Единствена Русија, партијата на претседателот Владимир Путин, однесе голем победа на вчерашните парламентарни избори. Пребројаните деведесет и осум проценти од гласовите покажуваат дека Единствена Русија има нешто над шеесет и четири проценти, или околу триста и петнаесет од четиристотини и пеесете места во Думата. Во првите реакции на меѓународните монитори се наведува дека проблем било тоа што изборите се одвивале под силно влијание на власта со што изборите не биле фер и демократски.

По Единствена Русија следи Комунистичката партија со единаесет запирка шест насто освоени гласови. Двете други про владини партии: ултра националистичката Либерал демократска и Само Русија со по околу осум насто успеале да го достигнат изборниот праг за влез во Думата,

„Единствена Русија доби шеесет и четири запирка еден процент, што е повеќе од четириесет и три милиони гласови.“

Изјави на денешната прес конференција во Москва претседателот на Централната изборна комисија Владимир Чуров, додавајќи дека одѕивот бил околу шеесет и три насто. Лидерот на Единствена Русија и актуелен спикер на Думата Борис Гризлов веднаш оцени дека граѓаните застанале зад сегашната влада:

„Гласањето ја потврди главната идеја дека Владимир Путин е национален лидер и оти нашите гласачи го поддржуваат курсот што го држиме веќе осум години.“

Изјави Гризлов. Убедливата победа на Единствена Русија беше очигледна уште и пред изборите, поради нејзината врска со Владимир Путин.

„Па секако јас гласав за главниот, за кого друг да гласам. Не ми треба никој од другите партии. Знам дека газдата е должен секогаш да биде главен.“

Изјави по гласањето седумдесет и седум годишниот московјанин Сергеј Сауткин. И триесет и осум годишната Илона Чернајавскаја гласала за Единствена Русија.

„Не е тајна, гласав за Путин. И само затоа што почнавме да живееме со него. Можеме да видиме дека со него имаме иднина и стабилност. За натаму ќе видиме. “

Но има и такви кои не гласале Единствена Руија, туку како дваесет и две годишната Ана која својот глас го дала за Либерал демократската партија

„Не ми се допаѓа што прави Путин. Едно зборува, друго прави.“

Во првите реакции на меѓународните монитори се наведува дека проблем било тоа што изборите се одвивале со силно влијание на власта. Потпретседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ Кимо Килунен појаснува дека таквото влијание не било нормално и оти се одразило врз изборните резултати. Изборите во Русија не беа следени од набљудувачи на ОБСЕ кои претходно ја обвинија Москва дека не создала услови за нивно доаѓање во Русија. Следеше и реакција од официјален Вашингтон. ,,Првите извештаи од Русија содржат и наводи за изборни неправилности и затоа апелираме до руските власти да ги испитаат,, се наведува во соопштението на портпаролот на Националниот совет за безбедност на Белата Куќа Гордон Џондроу.
XS
SM
MD
LG