Достапни линкови

Цветан Грозданов претседател на Македонската Академија на науките и уметностите: Науката може да помогне во решавањето на спорот со името со Грција


Прославивте 40 години од своето постоење, што можете да одвоите од тие 40 години, што е најбитно според вас?

Ние во првата фаза по формирањето на МАНУ имавме претежно национални дисциплини, што е и нормално за секоја Академија бидејќи нашата Академија е национална Академија. Значи обрнувавме внимание на македонскиот јазик, литература, историја, археологија, етнологија, значи дисциплини врзани за корените на нашето суштествување во овој простор. Меѓутоа како изминуваше времето и како разбирливо се повеќе почна да добива се повеќе замав она што се нарекува егзактни науки, а тоа значи физика, математика, хемија, медицина, па сега во нив се вбројуваат и економските науки и ние имаме посебни пет центри во Академијата, а како една од главните задачи ни е да направиме и македонска енциклопедија, повеќе томови, по можност на македонски и на англиски јазик. Значи со други зборови, имаме еволуција од т.н. национални дисциплни кон фундаментални, базични дисциплни што се универзани. Но, морам да кажам дека и националните дисциплини веќе не се во буквална смисла бидејќи секој може да го проучува она што е македонско, во било кој дел од светот, затоа што живееме во еден информатички свет каде што секој научник, а имаме такви појави да македонскиот јазик се изучува во сите континенти од светот и воедно тие даваат свој придонес.

Имавте изјавено дека имате изготвено анализи за државата, но дека никој досега не бил заинтересиран да ги примени во пракса. Каде е проблемот?

Видете ние правиме анализи пред се за нашиот народ, а дали ќе се послужи со тоа државата или не, оваа влада или некоја поранешна, или некоја идна влада тоа не е наше прашање. Но тие им стојат на располагање. Јас сум изјавил дека за жал немам впечаток дека ги користат, тие се однесуваат на стопански прашања, на надворешно политички прашања, на историски прашања. Тоа нормално го работи Академијата не за други, туку го работи за татковината и добро е да ги користат.

Каде е проблемот, не се заинтересирани оние што ја водат државата овие 17 години да побараат мислење од вас, да побараат анализа од вас?

Тоа е нивна работа, јас неможам да ги ви кажам зошто барале или не барале. Нивно е да бараат или да не бараат.

Се наоѓаме во период кога се интензивираат преговорите меѓу Атина и Скопје, за решавање на спорот со името со Грција. Колку науката може да помогне во решавањето на овој спор?

Науката може да помогне. Тие преговори, таа свера на разговори има повеќе димензии. Таму е прашањето на името, но и прашањето на културното наследство кое што исто така е широко прашање. Значи чие е културното наследство, на тлото на која Македонија, на Република Македонија, на географска, етнографска Македонија итн. Ние можеме да бидеме од корист во поглед на културното наследство, за кое има различни погледи. Од Античкото, преку византискиот период, преку оној среден век, па османлискиот период, овде имаме повеќе цивилизациски слоеви на тлото на Македонија и ние можеме, но тоа неможе така едноставно да преговара во наше име, во име на науката.

Значи сметате дека треба да има во овие преговори експертски тимови?

Па ќе има разговори. Може другата страна да постави прашања околу нашето културно наследство, конкретно што го споменав. А околу името, мислам дека тоа е дефинитно, тоа е уставното име на Македонија, тоа неможе да се менува, затоа што тука се прашува народот. Народот, како што за моето и за вашето име никој неможе да ни даде друго име, да не прекрсти, освен ако ние не сакаме ние, а незнам зошто би сакале ние, нема да менуваме религија па да не викаат поинаку. Значи за уставното име ние сме изјавиле дека сметаме дека тоа е дефинитивна работа, уставното име не се менува. Неможе нас соседна земја да ни наметне разговори за уставно име, а за другите работи, за погледите, а што на пример можеме да речеме дека културата никогаш не е еднодимензионална, во неа има вкрстувања, па ќе речеме дека има култура од тој стил, па кој партиципирал во создавањето на тој стил, па ќе речеме има влијание од некои постари времиња. Овде живееле пред доаѓањето на словенскиот фактор во 6 век, пред повеќе од 1 500-тини години некои што се доселени, па имаме римска фаза, па античка фаза, од праисторијата наваму, се менувале културните напласти и се испреплетувале меѓу себе и се оплодувале, според тоа неможе да се повлече линија, ова е мое, ова е твое.

Ќе успее ли Македонија според вас со силата на аргументите што ги поседува да се избори за своето уставно име?

Мене да ме прашате како поединец, јас сигурно дека верувам во силата на аргументите, секој научник верува во силата на аргументите и тука немам дилеми. Но она што зависи од некои надворешни сили, значи ако има влијание дипломатијата на големите сили во дел од тоа, тогаш мислам дека тоа не се научни прашања, тоа се надворешно политички прашања. Според тоа не би можел да зборувам што би ни наметнала некоја групација на земји од светот, и дали може и дали треба да ни наметне. Дали е тоа историски оправдано, етички оправдано. Неможе соседот да има погледи на мојата земја бидејќи ние не грабаме и од никого неземаме ништо.

Македонското малцинство во Бугарија не е признаето, во Грција исто така, со Србија имаме проблем со црквата, слична е состојбата и со Албанија. Колку целата оваа слика во која се наоѓа Македонија и штети на нашата државност?

Сега дали и штетат? Па имаат лоши последици во надворешно политичките односи. На пример ние имаме со српската држава добри односи тие ќе речат да ние немаме со вас проблеми, но имате меѓу црквите проблеми. Па јас се надевам дека црковните прашања тежат, некогаш и по 500 години не се решаваат, но ќе мора да се реши тоа секако. Тоа е лошо за нив, лошо е за народите и за српскиот и за македонскиот народ, не е добро, но јас мислам ќе се реши тоа прашање. Што се однесува до македонското малцинство во Бугарија, таа е земја членка на ЕУ има свои правни инструменти и ако тие го искажат јасно својот став, како исто така и македонците во Грција го искажат, а и Грција е членка на ЕУ преку тоа неможе да се премине така лесно. Затоа што ако тие така сметаат, во Стразбур или во Брисел, тоа ќе го воочат ако не еднаш, втор пат, трет пат, и ќе мора да им се даде право бидејќи ЕУ подрабира демократичност во голема мера. Таа е базирана на древни европски традиции на демократијата.

МАНУ во јавноста се има впечаток дека е затворена институција. Зошто?

Не сум чул за такво нешто, освен што нас не нема на насловните страници од дневните весници или во вулгарните рубрики на електронските медиуми. Затоа што општата публика, што работи некој математичар или физичар, освен ако не пронајде некое круционално откритие за светот, нема да се најде на насловната страна. Ние не работиме за она што се вика дневно информирање, ние си ја тераме својата работа, ним им се достапни нашите материјали, ако сакаат ќе ги користат, ако не не, ако не им се гледаат атрактивни нема да јавуваат за нас.
XS
SM
MD
LG