Достапни линкови

Русија и Бразил фаворити во групата, Македонија ќе бара шанса за изненадување


Традицијата македонската спортска година со настап на големо меѓународно натпреварување да ја заокружи женската ракометна репрезентација, продолжува и годинава. Овој пат нашите ракометарки ќе бидат дел од Светското првенство кое од 2. до 16. декември ќе се одржи во Франција. Тоа ќе биде наше петто учество на еден Мундијал, каде најдобриот пласман ни беше пред 10 години во Германија кога го освоивме седмото место. Пласман кој сега реално е тешко достижен. Причини за тоа има повеќе. Од скрпените 10 дневни подготовки без ниту еден контролен меч, па се до квалитетот на противниците прво во групата. А, таму со послаб рејтинг е само Австралија, додека во дуелите со Бразил и особено со светскиот првак Русија, фаворитската улога ќе им припадне на ривалите. Вистина која на хартија не ни дава големи шанси да стигнеме до второто место, односно 12-те најдобри во светот, но која не носи и песимизам во нашите редови.

„Апсолутни фаворити се и Бразил и Русија, гледајќи ги натпреварите што Бразил ги имаше на турнирот во Франција, а претходно и на светскиот куп. Играа 14 – 15 натпревари со врвни светски сили годишно, а нивните ракометарки играат во Шпанија. Ќе биде многу тешко, но мислам дека има добра атмосфера, ќе се обидеме нешто да направиме, да се пласираме во вториот круг, каде што објективно ќе играме со многу посилни противници.“

изјави Љупчо Савевски, по Лефтер Бошковски пред 8 години, првиот роден Македонец селектор на женската репрезентација. Факт кој не му носи дополнителен притисок туку:

„За мене тоа е предизвик, јас прифатив затоа што таква беше ситуацијата, ме замолија и вообичаено тренерот не прифаќа да работи и за пет шест дена да спрема екипа за СП. Ќе се обидам да направам се што можам, да дадам полн придонес и да ја репрезентираме Македонија онака како што заслужува,“

додава Савевски, чија надеж е присутна и кај неговите избранички. Од друга страна, кога се во прашање љубителите на спортот очекувањата се поделени.

„Да не дојдеме бргу, да останеме малку повеќе“
„Слаби се, не очекувам ништо.“


велат анкетираните граѓани, кои, сепак, се единствени во желбите за добар резултат. На ракометарките, почнувајќи од недела на премиерниот меч против Русија, е да покажат дека тие не се без основа.
XS
SM
MD
LG