Достапни линкови

Дали овој пат ќе победи гласот на разумот?


Во решавањето на кризата во Босна и Херцеговина се вклучи и невладиниот сектор, преку усвојување на Декларација за мир, а против насилство. Сепак граѓаните предупредуваат дека нешто слично се случувало и во деведесетите години. Тогаш се мислело дека гласот на разумот ќе го победи оружјето, што пак се докажа како невозможна мисија

Асоцијацијата на независни интелектуалци Круг 99, ја иницираше декларацијата за мир, а против насилството, која ја поддржаа Советот на Конгресот на босанките интелектуалци, Хрватскиот народен совет и српскиот граѓански совет. Декларацијата е наменета против секаков обид да се обнови насилството во земјата и ги повикува граѓаните да се дистанцираат од организаторите на можни судири.
Претседателот на асоцијацијата, Хидајет Реповац вели дека Босна и Херцеговина е во сериозна политичка, социјална и економска криза, но дека денешната ситуација воопшто не потсетува на 90-те години.

„Така што сметавме дека е потребно поостро и поотворено да реагираме на каков било вид на конфликт, па и политичкиот, да ги повикаме политичарите да си ја работат својата работа, односно да им овозможат на граѓаните нормално да живеат. Бидејќи како што гледате од страв и некакво чувство на несигурност тие почнаа енормно да купуваат стока, да создаваат залихи на основните продукти, што доведе до недостиг на одредени производи.“

За Младен Видакович од српскиот граѓански совет пак, кризата во Босна и Херцеговина е слична на она од 92 година, но различен е односот на Меѓународната заедница кон Босна и Херцеговина.

„Декларацијата е добар одговор на ситуацијата во која се наоѓа нашето општество и веруваме дека сето ова во наредниот период ќе се надмине бидејќи носителите на власта најверојатно ќе станат свесни дека е крајно време нешто да направат.“

Поделбите во внатрешноста на Босна и Херцеговина се продлабочија, сметаат од здружението на борците во народносолободителната војна. Таквата ситуација кај граѓаните создава чувство на несигурност и страв, вели Раиф Диздаревич.

„Мислам дека Босна и Херцеговина е во длабока криза, дека националните партии за овие 12 години покажаа дека неможат да остварат никаков дијалог од кој би произлегле заеднички мерки и кој би ја јакнел целоста на земјата. Овде моментално владее опасност од национал-сепаратизам.“

Професорот Хидајет Реповац смета дека невладините организации и интелектуалци придонеле многу за смирување на политичката тензија во земјата. За Ади Куленович од Асоцијацијата Круг 99 пак не треба да се дозволи интелектуалците да ги согледаат работите тогаш кога ќе биде предоцна.

„Во таа смисла анимирањето на интелектуалците е исклучително важно, подеднакво као и нивната улога како предводници на свеста и совеста на масите. Притоа не мислам дека улогата на интелектуалците е сведена само на тоа што е навладиниот сектор. Мислам дека е важно тоа да се прошири и на верските заедници и нивната морална совест, да го кренат својот глас во моментите во кои на каков било начин се надовестува некакво насилство.“
XS
SM
MD
LG