Достапни линкови

Службата за итна помош во Прилеп „турка“ со застарена опрема


Пред стартот на сезоната на интензивни вирусни заболувања и грип, кога фрекввенцијата на пациентите е над сто во смена, прилепската служба за итна медицинска помош која пружа здравствена заштита на околу 120 илјади жители од регионот вклучувајќи ги и 60-тината рурални населби се соочува со бројни проблеми и потешкотии во работата. Како што вели началникот Гоце Јонгоски, примарно службата не е доволно кадровски екипирана, недостигаат најмалку уште четворица доктори од општа пракса:

„Три екипи во секоја смена, тоа е доволно за да може да одговориме на сите повици на терен. Исто така, мораме да ја опслужуваме и дежурната амбуланта која е единствена во Прилеп.“

Освен тоа, вели Јонгоски, сериозен проблем создаваат амортизираните возила, а некогаш се интервенира и на голема оддалеченост, во реони каде што патиштата се тешко проодни, па наместо итна, се пролонгира времето за пружање на помош на граѓаните, проблем кој може да резултира со фатални последици.

„Веќе возилата се максимално амортизирани, имаат поминато голема километража и тие треба под итно да се сменат со минимум пет нови возила, затоа што територијата што ја покриваме е огромна. Имаме некаде 107 населби, распоредени на голема територија.“

Во службата недостига и друга опрема неопходна за соодветна здравствена заштита. Докторите се жалат и на бројни злоупотреби на бесплатата телефонска линија 194, згора, вели началникот, работата е максимално отежната во ноќните часови, а се прават и непотребни трошоци, бидејќи по приватизацијата во градот нема дежурна аптека, па по 22 часот и за најмал проблем кој може да се реши со таблетарна терапија, граѓаните се принудени да доаѓаат во службата за итна помош.
XS
SM
MD
LG