Достапни линкови

За македонското МНР е важно новата косовска влада да продуцира стабилност во регионот


Победата на Демократската партија на Косово на Хашим Тачи нема да значи ништо ново ниту за Македонија, ниту за регионот воопшто. Тој ни досега не се мешал во внатрешните работи на Македонија, велат претставници на државниот врв кои додаваат дека дури и евентуални инциденти во земјава не би биле поврзани со победата на партијата на Тачи, туку со целокупната ситуација со косовското прашање иако проценките се дека до 10 декември нема да има интензивирање на инцидентите, туку дека тоа е можно по овој датум кога ќе биде појасно и ќе се знае дали и на кој начин ќе се прогласи независност:

„За Македонија е помалку важно кој е победник на изборите, за Македонија е повеќе важно новата влада на Косово да продолжи да продуцира стабилност во регионот, да продолжи да соработува со меѓународната заедница во изградба на својата европска иднина и се разбира да продолжи и да ја продлабочи добрата билатерална соработка со нашата земја.“

Изјави Сашо Кокаланов од Министерството за надворешни работи. Аналитичарите сметаат дека победата на Тачи на Косово нема да предизвика промени, ниту негативни влијанија во Македонија:

„Ништо спектакуларно нема да се случи, ниту на надворешен, ниту на внатрешен план, процесот ќе тече. Тоа е демократско изразување на расположението на граѓаните на Косово. Мислам дека и Тачи доста умерено е настроен кон Република Македонија, тој веќе бил тука и се има сретнато со врвните луѓе.“

Изјави Мерсел Билјали од Факултетот за општествени науки.На планот на надворешната политика проценките на македонскиот државен врв се дека Тачи ќе соработува со меѓународната заедница и ќе работи на интеграцијата на покраината во евроатлантските структури. Она што може да се очекува на внатрешен план во постизборниот период на Косово се тензии меѓу политичките партии или меѓу победничката Демократска партија на Хашим Тачи и Демократскиот сојуз на Косово на претседателот Фатмир Сејдиу, поради натпреварот кој би бил заслужен за евентуалната независност на покраината.
XS
SM
MD
LG