Достапни линкови

Милчо Манчевски, режисер. Намерата ми е да правам чисти и чесни дела, затоа што потекнуваат од срцето со високи стандарди


Она што се наметнува како впечаток, историјата, ја познаваме преку книгите, но таа живее и во нас. Дали вашиот филм претставува обид да се обработи тој материјал од минатото, за да може да кажеме дека ќе имаме поквалитетен живот?

Па, секако. Мислам дека минатото и колективното и личното минато е нешто што во нашата свест е една топка, која или се одбива од ѕидовите на собата или расте, па ја исполнува собата или постои како мало зрнце во некој агол од собата. Тоа се однесува и на минатото на секој од нас како човек и колективното минато. Колективното минато е нешто што ние го учиме од книгите, преработено, дотерано, рафинирано, и секоа навраќање на тоа минато како свесни, возрасни луѓе, како интелектуали, како луѓе кои сакаат да дознаат повеќе за себе и своето минато и иднина е една вредна активност. Тоа не се однесува само на овој филм и само на ова уметничко дело и јавен настап. Тоа е и секој разговор меѓу двајца луѓе кој се однесува на минатото. Во случајот, филмов зборува за патешествието на еден човек, за неговиот витал, за неговото поминување низ еден тунел, и за неговото морално, етичко и емотивно растење, а во тоа е неопходно тој да се соочи со тоа како тој се вклопува во заедницата кога таа заедница во овој случај се вика негово семејство. Значи, колку сите ние имаме некој долг. Колку сите ние треба да учествуваме во градење на едно убаво заедничко живеење. Тоа е една од темите, од прашањата што овој филм сака да ги поттикне.

Колку нашето изматеријализирано секојдневние претставува бегство од наследените товари од минатото и дали без нивно обработување можеме да се надеваме на вистинска среќа?

Па, не знам дали вулгарно материлајистичко живеење е исклучиво бегство од наследството на предците или е тоа е едно вулгарно живеење – точка. Во еден таков живот, каде што постојано се граба, каде што постојано треба да се стави нешто во уста, најмногу страда тој што граба. Мотото на филмот, кое се појавува на самиот почеток е еден стих од Штулиќ од Азра, од песната Заминување на ноќта, а околу нас се некои гладни луѓе. Тоа е извадено од контекст, но фрла многу убаво светло на се друго, на опкружувањето на Лазар Перков. Кој е опкружен со луѓе, мажи и жени кои само сакаат да грабаат. Кои само сакаат да ставаат во уста и на лице. И жално е така да се помине животот, да не се почувствува нешто потопло, нешто поорганско, нешто повистинско, да не се почувствува вистинска љубов, затоа што цело време се смета дека таа може да се замени со сјај, со површина со шминка, со пари со поседување.

Каква е релацијата на Менка, „Сенки“ и луѓето од Егејска Македонија во вашиот филм?

Судбината на луѓето од Егејска Македонија, особено во тие два брана на етничко чистење после Балканските војни и после Втората Светска Војна е страшна. Тоа е масовна трагедија на стотици илјади луѓе, кои се избркани од своите домови, кои се прогонувани, убивани, силувани, кои се измачувани, тоа е геноцид кој не смее да се заборави од најмалку две причини: една за да не се повтори и втората затоа што тоа не одредува нас како потомци што живееме на истиот простор. Тоа не е главна тема на овој филм. Главната тема на овој филм е како живееме денеска со себе, како живееме со другите и како живееме со другите кои живееле во минатото или кои ќе се родат утре. Како ние, морално, етички се однесуваме кон сите други околу нас, а со тоа и кон себе. Меѓутоа, ова е една од темите кои се споменуваат, скицираат, откриваат па се заткриваат, кои постојат во филмот. И кои го движат наративното дејствие на филмот, а и му даваат една комплексност, едно богатство. Добар дел од реакциите, од дискусиите, се однесува на ова минимално присуство на прашањето на бегалците од Егејска Македонија.

Вие сте и интернационален творец, признат, и за нас е битно, бидејќи станува збор за македонски филм, кои се вредностите коишто сакате да ги промовирате и уметнички, меѓутоа и животно, во ова ваше творештво, почнувајќи од „Пред дождот“, па до најновиот филм „Сенки“?

Не ми е лесно да се објаснам себеси. Намерата ми е да направам чесни дела, кои се чисти, затоа што потекнуваат од срцето, и да бидат високо професионално направени, значи во сите фази на продукцијата, во сите фази на дистрибуцијата и кај нас и надвор. Значи, да направиме дела кои по квалитетот може да се мерат со било кој филм со било која фотографија, направена било каде во светот, дали е тоа Уганда или Лос Анџелес, да не се срамиме со тоа што имаме да го кажеме и да инсистираме тоа да биде кажано јасно, прецизно, да биде искомуницирано, без затскривања, без – ајде јави се утре да се чуеме, да се дочуеме, пречуеме, значи да биде јасна комуникацијата во овие уметнички дела и сето тоа да биде јавно не само кај нас туку и надвор. Мене ми е битно тоа дело да искомуницира, инаку зошто го правиме. И последна фаза, последна група е веројатно, работењето како таква, како деловна активност и мислам дека очигледно е дека за филм треба многу организација, размислување, многу време, многу специјализирани филмски работници, многу пари, и мислам дека во последниве 15 години откако во Македонија почнаа да се работат копродукции, откако почнаа македонските филмови да излегуваат надвор, дека стандардот на работа во продукција и дистрибуција малку се менува и мене ми е многу важно да се воспостави еден стандард барем во филмската индустрија, надевајќи се дека тој ќе биде заразен и за други сегменти во нашето општество, каде што се работи многу прецизно и со полна одговорност, се работи кон резултат, а не кон оправдување.

Освен како режисер, вие ја промовирате филмската уметност и како амбасадор на македонската култура, за што сте назначен. Како е позиционирањето на македонскиот филм во светските центри на филмската уметност и во кој правец се движи тоа со излегувањето на наши филмови на таа сцена?

Мислам дека ако се зборува за жарот, за самите филмови, за она што е само на платното, а не за тоа како тие се направени и како пласирани, она што би била моја желба и надеж е дека ќе правиме филмови кои се направени повеќе за нас, а помалку за пласирање надвор, за пласирање во кое ја манипулираме, ја лажеме, ја искривуваме својата приказна, за да се допаднеме на некој фестивал, на некој селектор, на некој критичар, кој има своја слика, за тоа како живееме и бара ние да му се вклопиме во сликата. Моја надеж е дека ќе се прават почесни филмови. Не зборувам за комерцијални филмови, новокомпонирани филмови кои тука ќе се прават. Туку за филмови со високи естестски стандарди и критериуми, кои му се обраќаат на срцето на човекот, на луѓето, на интелектуалецот. Тоа само продавање на себе како егзотична играчка е лошо. Тоа е што се однесува до филмовите. Што се однесува до начинот на работа, мислам дека македонската кинематографија е многу понапредна отколку што добива кредит и е пофалена. Затоа што видете – во последните десетина години, скоро сите филмови се на млади режисери, на дебитанти, или на луѓе кои работат свој втор филм или понекогаш трет филм, тоа е голема работа, значи направена е смена на генерација, каде што финансиерот, министерството за култура, поддржува млади автори, стопроцентно. Потоа, скоро сите филмови работени тука се меѓународни копродукции, што значи отворање кон светот, и најголем број од тие филмови се прикажуваат на фестивали во светот, а дел од нив добиваат и некаква кино дистрибуција. Тоа се големи промени во македонската кинематографија и кои кога би се случувале во некоја друга област на општествено живеење во Македонија, веројатно би биле и позабележани и поиспофалени. Сега ќе треба уште страшно многу туркање.

Во која смисла?

Многу работа, многу труд, многу талент, самооткажување, многу спремност на разочарување за да се дојде до убави резултати кои ќе се повторуваат и повторуваат и ќе станат систем, а не само исклучок.
XS
SM
MD
LG