Достапни линкови

Експертите поделени околу тоа дали изборите ќе предизвикаат раздвижувања во регионот


Изборите во Косово кои се во период кога се разговара за статусот на покраината несомнено ќе предизвикаат дополнителни раздвижувања, бидејки не може да се занемарат преговорите мегу Белград и Приштина со посредство на меѓународната заедница, велат некои експерти. Во таа смисла тие укажуваат што ќе произлезе од ваквата ситуација:

„Може да се претпостави дека од една страна, бојктот кој што се случува и неучеството на србите на изборите, ќе влијае на она што демократските институции треба да го реализираат, а тоа е инклузивна демократија и демократија која што ќе овозможи и гарантирање на пошироките човекови и малцинските права. Од друга страна овој процес на изборите сепак можат да отворат и процес на постизборни коалициски лавиринти кои што во некоја рака се под притисок на тоа, кој колку ветува и какви ветувања дава, од притисокот дека ќе се оди со унилатерално прогласување на независност.“

Изјави професор Лидија Георгиева од Институтот за одбрана при Филозовскиот факултет во Скопје која објаснува дека во тој контекст регионот и Македонија ќе ги почувствуваат последиците:

„Процесот на дестабилизација може да произлезе од самите политички настани на Косово, но и од тоа дека традицијата или демократското искуство во нашиот регион, а особено и на Косово не ни даваат сепак оптимизам, дека сето тоа ќе се одвива во рамките на политичките институции. Пред се и настаните кои што сведочат дека многу лесно се оправдува културата на насилство или употреба на оружје за постигнување на политички цели, доволно не предупредува дека можеме да очекуваме и во иднина помали или сериозни инциденти кои што можат да влијаат и во регионот, но и во Македонија.“

Од надлежните институции во земјава пак не коментираат ништо и покрај тоа што за инцидентите што се случуваа во последно време во земјава беше укажувано дека не може да се оттргнат од контекстот на косовското прашање. Според македонските институции било какви коментари би биле мешање во внатрешните работи на покраината. Некои експерти велат дека со изборите идејата е да се покаже дека Косово може да биде независно и додаваат дека нема да предизвикаат никакви негативни влинија во Македонија ниту во регионот.

„Овие избори нема да имаат некои индикации во другите земји туку тоа ќе биде успешно за демократијата не само на Косово туку и на целиот Западен Балкан.“

Изјави Илбер Сеља од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
XS
SM
MD
LG