Достапни линкови

Не само со соседните, неопходна е соработка со службите од целиот свет


Соработката на македонските разузнавачки служби со странските е добра, оценуваат упатените. Според претседателот на собраниската комисија за безбедност и контраразузнавање Есад Рахиќ домашните служби се добро екипирани и на странските им даваат подеднакво добри информации какви што и примаат. Тој посочува дека во денешно време неможе да се дозволи да се соработува само со соседните служби, туку е неопходна поширока соработка:

„Нема веќе соседни служби. Мислам дека светот веќе станува глобално село и наша условно речено, соседна служба е и американската и француската, германската и руската и било која.“

И поранешниот шеф на военото разузнавање Владимир Пивоваров тргнувајќи од своето искуство додека ја извршуваше функцијата вели дека соработката со службите од соседните земји е одлична:

„Еве имавме случај, успешната акција на МВР со кокаинот. Пратката патуваше од Колумбија, помина повеќе земји, стаса во Македонија... Значи ако ја нема таа соработка помеѓу службите, криминалните структури ќе бидат еден чекор пред службите.“

вели Пивоваров и додава дека тоа со која служба во одреден период ќе соработуваме поинтензивно, зависи од задачата.

„Олимпијадата во Грција кога беше, во Атина се одржа се самит помеѓу сите шефови на разунавачки служби каде се постигна согласност за посебна соработка за таа намена. Значи ако Макеоднија има проблем, кој што ја засега нашата територија но и друга земја, тие мора да соработуваат.“

Инаку за размената на информациите како што објаснува Пивоваров, службите потпишуваат договори во кои што ги прецизираат сите детали:

„Ние ако влеземе во НАТО станадардите на разузнавање, особено военото разузвнавање, мора да биде во согласност со стандардите на НАТО службите. И информација како се изготвува, и кои луѓе може да бидат во служба, сите тие прашања таму се решени ние само треба да ги имплементираме.“

Како што објавија пак некои дневни весници, деновиве во земјава престојувале агенти од американското воено разузнавање кои без потпишан договор ги испитувале нивните македонски колеги. Од Министерството за одбрана ја потврдуваат посетата и објаснуваат дека иако нема потпишан договор, средбата била дел од билатералната соработка и консултациите кои што се прават за потребното трансформирање на нашето разузнавање по НАТО стандарди.
XS
SM
MD
LG