Достапни линкови

Следната администрација да покажува помалку сила во решавањето на надворешно политичките прашања


Претседателствувањето на Џорџ Буш се карактеризира со војните во Ирак и Авганистан, како и напорите да се убеди Иран да се откаже од нуклеарните амбиции. Буш честопати повторува дека прашањето со Иран треба да се реши на дипломатски начин, но исто така не ја отфрла опцијата за можна војна во обид да го спречи Техеран да произведува нуклеарно оружје. Американскиот центар за стратегиски и меѓународни студии, неодамна објави извештај во кој апелира следната администрација да покажува помалку сила во решавањето на надворешно-политичките прашања.

Анализата на Центарот за стратегиски и меѓународни студии го поттикнува идниот американски претседател да води позитивна надворешна политика. На пример, таквата аминистрација би требало да работи на зајакнување на партнерствата на Соединетите Држави со своите сојузници. Таа треба да биде вклучена во посилна јавна дипломатија, со акцент на човековите односи. Еден од аналитичарите што го спроведоа истражувањето е Џозеф Није кој Соединетите Држави ги споредува со големо дете.

„Многу зависи од тоа дали големото дете е перцепирано како пријател или како насилник. А, мислам дека веќе некое време не доживуваат како насилници. Мислам дека е ова особено значајно бидејќи кога Соединетите држави стануваат смртоносен бакнеж за политичарите, тие во иднина нема да не поддржат. Сето тоа создава неспособно општество и прави потешко да ги остваруваме нашите цели.“

Заклучокот од извештајот е дека и покрај моќта на Соединетите Држави, помалкусилните земји се здружуваат заедно против американската политика, со што ја ослабнуваат позицијата на Вашингтон. Според аналитичарот Ричард Армитаџ, Вашингтон треба да ја стави дипломатијата во прв ред, и наместо да им се заканува на своите противници, да им понуди помош.

„Мислам дека е јасно оти дипломатијата што не е поддржана од војска е празна. Сите го разбираме тоа. Но прво треба да ја употребите дипломатијата, а потоа другите начини.“

Сепак извештајот на центарот за стратегиски и меѓународни студии не препорачува намалување на напорите на Соединетите Држави во борбата против тероризмот. Како дел од таквите напори, се вели во извештајот, идниот претседател треба да потпише договори дека неговите сојузници го поддржуваат, како и да го затвори затворот Гвантанамо на Куба. Но,аналитичарот за надворешна политика, Џејмс Филипс смета дека колку и да изгледа позитивен ваквиот пристап, тој не е вистинскиот.

„Секоја администрација би преферирала да се справи со своите непријатели на мек начин. Но за жал, некои цврсти диктаторски режими не одговараат на тој модел, на пр. Садам Хусеин кој по првата Заливска војна продолжи да ги презира повиците за примирје и не соработуваше во потполност со инспекторите на Обединетите Нации.“

Филипс истакнува дека не го отфрла целосно извештајот бидејќи употребата на помалку сила е особено важна алатка во надворешната политика, но додава дека сепак, таа не е единствената.
XS
SM
MD
LG