Достапни линкови

Прекинувањето на седниците и почнувањето нови ја намалува ефикансоста на Собранието


По вчерашното прекинување на собраниската седница на која на Дневен ред беше интерпелацијата на заменик министерот за внатрешни работи Рефет Елмази, повторно се актуелизира прашањето за практиката на овој парламентарен состав – да започнува седници и да ги прекинува без завршница, а да продолжува со нови. Според поранешните претседатели на Собранието, таквиот начин на работа ја намалува ефикансоста на парламентот. Претходникот на актуелниот спикер Георгиевски Љупчо Јордановски вели дека покрај тоа што ефиканоста е на критично ниво и квалитетот на донесените закони е намален:

„Затоа што ако вие се вратите на седница 30-та, најчесто пратениците или ги немаат материјалите или заборавиле или треба повторно да трошат време да се потсетат.“

Дека ефикансоста е намалена се согласува и Стојан Андов, поранешниот претседател на Собранието со најголг стаж на таа функција:

„Треба да се предвиди така што претседателот ќе ги замоли и убедува предлагачите на најважните материјали на поедини седници да прифатат некој ред да има сепак. Некои седници треба веќе да се завршат.“

Според Јордановски пак, практиката на прекинување на незавршени седници може да се надмине само доколку мнозинството и опозицијата сфатат како што вели дека имаат поголема одгвороност од нивните лични и партиски интереси:

„Дали некој е сега погоден од тоа што ги изгубил изборите, а некој премногу еуфоричен од тоа што ги добил изборите е прашање за анализа. Но, ние имаме многу поважни работи не само за партиите, туку за државата и граѓаните, тоа се евро интеграциите – НАТО, ЕУ, па и Рамковниот договор кој се повеќе почна да се релативизира.“

Претставниците на власта и опозицијата во парламентот пак, се обвинуваат меѓусебно, според Андреј Жерновски од ЛДП за ваквата состојба виновни се владеачките партии:

„Тврдам дека тоа не е стратегија на парламентарците од владеачкото мнозинство, многу повеќе е стратегија на владата, односно на првите луѓе на партиите од коалицијата, се со цел граѓаните да бидат понасочени кон работата на парламентот, а не кон работата на владата.“

Илија Димовски пак од ВМРО-ДПМНЕ спротивно, тврди дека овој собраниски состав е најефикасниот до сега. За сликата која се создава Димовски ја обвинува опозицијата која според него е кочничар на работите.

„Ако се нема политичка волја, повторно ќе се доведеме во ситуација на изнаоѓање на сите возможни начини од парламентарното мнозинство, за собранието да си ја заврши својата обврска.“
XS
SM
MD
LG