Достапни линкови

НАТО внимателно ја следи ситуацијата, вели Чарлс Хејман експерт за безбедносни прашања


Акцијата на Македонската полиција на Шар Планина повторно предизвика страв од можноста на дестабилизација на земјата и регионот на Косово и југот на Србија. Според експертот за безбедносни прашања на британскиот Џејнс Дефенс Викли Чарлс Хејман, НАТО ја следи внимателно ситуацијата посебно на граничните зони, а во моментов најзначајно е да се покаже воздржаност.

Инцидентот на Шар Планина преставува проблем за македонската влада, вели експертот за безбедносни прашања на британскиот Џејнс Дефенс Викли Чарлс Хејман. Опасно е и местото каде пресметката се случи, смета Хејман:

„Да се надеваме дека инцидентите до кои дојде нема да ескалираат во нешто многу по опасно и дека нема да го зафатат целиот регион. Доколку такво нешто се случи и излезе од контрола на македонската власт, како и од контролата на НАТО трупите на Косово, долгорочно гледано таквите инциденти би можеле да прераснат во анархија и хаос. Секогаш постои опасност ако ваквите инциденти не се третираат многу внимателно.“

оценува Хејман. Зоран Драгишиќ, експерт за безбедносни прашања од Белград, смета дека групата била терористичка со оглед на оружјето кое е пронајдено. Според него инцидентот има за цел да се попречат преговорите за статусот на Косово.

„Мислам дека овој настан може да се гледа и во функција на завршување на преговорите за Косово односно за наметнување на на статус од страна на албанската заедница, а подигнување на тензии во Македонија и во регионот со цел да се предизвика хаотична ситуација и во таква атмосфера да се наметне решение без преговори и надвор од преговорите.“

Чарлс Хејман пак вели дека теориите на заговор со кои регионот изобилува се контрапродуктивни и токму затоа не треба да се скока со заклучоци во недостиг на факти. Клучно е македонската влада да покаже воздржаност, вели Хејман. Тој во врска со неодамнешните ТВ снимки за вооружени групи на Косово потсетува дека присуството на НАТО во тој дел на регионот во последните години е значајно ослабено во однос на иницијалниот период.

„Нато многу внимателно ќе ја следи ситуацијата и секако ќе донесе одлука за тоа да ли треба да го засили своето присуство, посебно на границата меѓу Македоније и Косово. Сигурен сум дека за тоа сериозно размислуваат во седиштето на НАТО во Брисел.“

оценува за Радио Слободна Европа Чарлс Хејман, аналитичар на британското списание Дифенс Викли.
XS
SM
MD
LG