Достапни линкови

Убиени осум припадници на вооружените криминални групи, соопшти МВР


Според првичните сознанија на МВР, најмалку осум припадници на вооружените криминални групи се убиени во денешната голема полициска акција во шарпланинските села Бродец, Вешала и Вејце. Во престрелките немало повредени припадници на МВР, која иако групите се разбиени, како што соопштија, остнаува на терен. Од полицијата велат дека дел од групите останале да се кријат во планината или куќите на селаните. Целта на акцијата која започна рано утринава и во која учествуваа хеликоптери на МВР биле Рамадан Шиити и Лирим Јакупи – Нацист кои избегаа од косовскиот затвор Дубрава. Блокирани се сите приоди кон Шар Планина, односно кон местото каде што се одвива акцијата, а полициски пунктови се поставени на излезите од Тетово кон Шар Планина. Македонските политичари денеска не сакаа да ја коментираат акцијата, се додека таа е во тек. Портпаролот на косовската полиција Ветон Елшани ги демантираше информациите објавени од Танјуг, која повикувајќи се на неименувани извори објави дека КФОР ја затворил границата со Македонија од косовска страна, а војниците биле тешко вооружени и подготвени да пукаат во случај на прелевање на судирот на косовска територија:

„Не, не, не, ние ја контролираме границата, полиција, а не КФОР. Нема ништо и се се одвива нормално. Граничните премини се отворени, а сообраќајот се одвива нормално. Ние заедно со КФОР имаме зголемени земјени и воздушни патроли на премините и граничните појаси со Македонија,“

изјави Елшани.

Инаку, селата во шарпланинско станаа актуелни откако пред повеќе од десетина дена работници на ЕВН ЕСМ тврдеа дека во реонот биле киднапирани, па ослободени од страна на вооружени лица. МВР сеуште не го расчисти случајот до крај. По низата инциденти во кои во кумановско загина еден командант на станица, а во Танушевци полицаец, Советот за безбедност констатираше дека зад нападите стојат криминални банди и повика на поголемо присуство на полицијата на теренот.
XS
SM
MD
LG