Достапни линкови

Мишел Османли, извршен директор на американската стопанска комора во Македонија. Стабилноста и комплицираните процедури главна пречка за американските инвестиции во Македонија


Госпоѓа Османли, Соединетите држави се главен поддржувач, главен сојузник на Македонија, кога станува збор за членството во НАТО, но зошто се чини дека таквото сојузништво отсуствува на економски план. Висината на американски странски инвестиции во земјава е мала. Зошто?

Ова е добро прашање. Мислам дека е важно да се разберат разликите помеѓу желбата на американската политика и вклученоста на владата во одредени ситуации и желбата и мотивацијата на бизнис заедницата. Во суштина тие имаат различни цели, но понекогаш работат заедно и постигнуваат заеднички резултат, но би рекла дека на американските бизнисмени сеуште не им е јасно дали инвестирањето во Македонија е во нивни интерес. Американската влада прави малку да го присили или охрабри приватниот бизнис да инвестира во една земја, а не во друга. Покрај тоа што Американската влада би сакала да види силна економска врска помеѓу Соединетите Американски Држави и Македонија поради причини поврзани со развојот. Тие може да направат многу малку за да ги присилат компаниите да инвестираат без притоа компаниите да видат дека тоа е во нивни интерес. Значи, се се сведува на долари. Американските компании нема да инвестираат на места од сожалување, или поради тоа што тоа е во најдобар интерес на жителите на таа земја. Наместо тоа, тие ќе погледнат дали е во нивен интерес да инвестираат во одредена земја, дали тоа ќе биде профитабилно и на долг рок ќе ги постигнеме ли очекуваните бенефити преку инвестиција во Македонија наместо во друга држава?

Mожеби и земјите од регионот се соочуваат со слични проблеми, но висината на американски инвестиции во Србија на пример е многу повисока отколку во земјава?

Интересно прашање. Во Србија има поголема индустрија, можеби пак имаат таква индустрија каква што бараат американските бизнисмени, исто така нивната земја е поголема и имаат поголем број на население, не можам да зборувам во детали за тоа колку пати се поголеми инвестициите на американските бизнисмени во Србија наспроти Македонија. Мислам, дека најголемите американски инвестиции одат во Грција, или во некои од членките на ЕУ. Не станува за блиски политички односи помеѓу државата и Соединетите Држави, очигледно е дека не многу одамна политичката соработка помеѓу Србија и Соединетите држави не беше најдобра. Како и да е доколку американските бизнисмени видат поволности за влегување на некој пазар тие тоа и го прават.

Но во меѓувреме Македонија стана членка на ЦЕФТА. Колку членството во ЦЕФТА ги отвора вратите и колку и за американските компании Македонија станува поинтересна дестинација?

Апсолутно. ЦЕФТА само што стапи во сила. Значи, останува да се види што ќе произлезе од тој договор. Но, да - теоретски апсолутно! Колку повеќе слободна трговија Македонија може да издржи со соседите и ЕУ, веќе има договори за слободна трговија за повеќето стоки што може да се извезуваат од Македонија во ЕУ, тогаш зборуваме за пазар од повеќе од 600 милиони потрошувачи. Тоа игра голема улога за македонските компании тука, но и за интернационалните компании заинтересирани за регионов и Европа генерално.

Г-ѓа Османли каде ги гледате главните проблеми на македонската економија и бариерите кои што го кочат влезот на странски инвестции во земјава?

Најголемите проблеми кои што ги гледаат американските инвеститори во Македонија мислам дека се истите проблеми со кои што се соочуваат и македонските фирми. Македонија има добра стратешка положба на Балканот, се наоѓа во центарот и многу е лесно да се извезува и увезува производи. Важно е компаниите да разберат дека нивните производи можат лесно да ги поминат границите и дека царинските процедури се ефективни, не се скапи и мислам дека тие работи се подобруваат, но останува едно од главните прашања што оној кој сака да произведува и извезува од Македонија би сакал да се подобри. Исто така и стабилноста на долг рок игра важна улога. Очигледно, инвеститорите ќе ја гледаат Македонија како многу поатрактивно место затоа што се покажува како стабилна демократија со отворена пазарна економија. Сведоци сме на многу угледни економски прегледи за македонската економија, фискалната политика и се чини дека сите тие се подобруваат со текот на времето. Уште една работа која би ја споменала е транспарентноста, потребно е разбирање на процесот за отворање бизнис „од А до Ш“ како да изнајмиш работници, како да се гради во слободна зона, колку дозволи ке ти треба за тоа, каде да ги обезбедиш тие лиценци. Би рекла дека работите се на пат на подобрување, но тоа се главните нешта кои би можеле да ги натера инвеститорите да се поколебаат при влегувањето на пазарот.

Бидејќи ја имате комуникацијата помеѓу двете страни... колку пак од друга страна македонските компании се подготвени да „излезат“ односно да ги пласираат своите производи на меѓународниот, конкретно американскиот пазар?

Очигледно постојат многу различни компании коишто работат во Македонија. Мислам дека е помалку важно да се разговара за тоа дали македонските компании се подготвени да конкурираат во Соединетите Држави. Впрочем, неодамна Американската стопанска комора одржа конференција за да се разговара за македонските можности за интеграција преку трговија и инвестиции во регионот. Она што излезе како резултат од таа конференција беше дека македонските компании се доста конкурентни, на пример во Косово. Значи, регионалната интеграција е првиот чекор и тука македонските компании се покажуваат како доста конкурентни. И на мал пазар, како Македонија, само два милиони жители, важно е да разберат колку е важен извозниот пазар, особено на регионално ниво.


Веќе споменавте, една од основните цели на Американската стопанска комора е воспоставување на врски, контакти помеѓу македонските и американските бизнисмени. Во оваа насока можете ли да бидете задоволни од она што Американската стопанска комора го остварува во привлекувањето на компании од Америка во нашата земја?

Ние не одиме во САД да ги охрабруваме американските инвеститори да инвестираат во Македонија, барем не на директен начин. Како и да е ние објавуваме магазини и соработуваме со другите стопански комори во регионот, во Европа и САД, и доставуваме информации за Македонија. Кој работи овде? Зошто е добро место за инвестиции? И веројатно исто така да чуеме од некои од многуте паметни бизнисмени во Македонија, за тоа зошто Македонија е интересно место за инвестиции.

Г-ѓа Османли како ги оценувате актуелните економскии владини мерки. Конкретно, колку рамните даноци се привлечни за американските инвеститори?

Даночните прашања се многу значајни. Според она што го знам, Македонија има најефтин даночен пакет за компаниите и за вработување во Европа. Тоа е многу важно за да го придобиете вниманието на луѓето ако гледаат во бројките. И ако го имате нивното влијание со ниска даночна стапка, имате можност да научите повеќе за тоа зошто Македонија дава смисла како дестинација. Не е само затоа што е ефтина. Има што да понуди и во поглед на квалификувана работна сила, ефтини трошоци за производство, добри врски со соседите и сите договори за слободна трговија го прават произвидството и извозот од тука лесен. Значи, данокот е битен и можеби е прв чекор кога американските компании ги оценуваат нивните основни трошоци за неколку локации. Но, добрата вест е дека Македонија има повеќе да понуди, отколку само тоа.

Тогаш има ли некои конкретни инвестиции по воведувањето на овие најнови владини мерки?

Апсолутно. Мислам дека тоа можете да го видите ако ги погледнете бројките на странски директни инвестиции и како се зголемуваат со текот на времето. На пример, има голем скок во 2006 во споредба со 2005. Значи, ќе биде потребно време, нема да се случи преку ноќ, но мислам дека знаците се тука дека функционира, дека реформите ја прават Македонија поатрактивна и дека луѓето ја слушаат пораката дека треба да ја разгледаат Македонија.
XS
SM
MD
LG