Достапни линкови

Нова меѓупартиска лидерска средба


Со цел деблокада на судските реформи кои се и една од главните забелешки на меѓународната заедница, денеска лидерите на четирите најголеми политички партии на средба. Тема, законот за јавни обвинители, а во расправата клучно е прашањето за критериумите за назначување на идните јавни обвинители. Опозициската СДСМ бара од 180 јавни обвинители со ограничен мандат, во иднина со новите правила, со цел да се спречи партизацијата, веќе избраните обвинители во рок од 30 дена од истекување на мандатот, да поднесат барање до Судскиот совет кој ќе оценува дали ги исполнуваат критериумите и во случај на позитивна оценка да им продолжи мандатот, односно да се трансформира во траен. Од владеачките партии пак сметаат дека веќе избраните обвинители, откако ќе им истече мандатот, да треба повторно да конкурираат, при што само нема да биде објавен јавен конкурс. Од ДУИ пак, најавија дека ќе ги отворат прашањата од договорот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски постигнати на 29 мај, меѓу кои беа и употребата на албанскиот јазик, правата на борците на ОНА и слично.

На последната средба што се одржа пред еден месец, присуствуваше и претседателот Бранко Црвенковски, на која беше прифатен неговиот предлог, кандидатите за судскиот совет, преостанатите пет од 15 члена да се изберат по пат на негативна елиминација, по што предлогот беше прифатен од сите, освен од ДУИ. Без согласност на ДУИ, предлозите тројца од Собранието и двајца од шефот на државата беа доставени до пратениците, по што беа избрани четворица, но не и Абдуслелам Канзовски кој беше предлог на претседателот Црвенковски. Образложението од владеачката ВМРО-ДПМНе беше дека шефот на државата согласно законот треба да предложи само еден кандидат од припадниците на заедниците, а не двајца.

Инаку, на денашната средба се присутни сите лидери на поголемите партии.
XS
SM
MD
LG