Достапни линкови

Власта ќе покаже искрена борба против корупцијата доколку ги разреши и аферите од нејзиното работење


Нема ефикасна борба против корупцијата доколку одредени коруптивни елементи се пронаоѓаат и во редовите на самата влада, коментираат експертите анализирајќи ги последните случувања околу продажбата на ТЕЦ Неготино, продажбата на земјиштето за изградба на хотел зад Рамстор, земјиштето до градскиот трговски центар… Овие актуелни афери поврзани со работата на власта според Слаѓана Тасева од Невладината „Транспарентност - Нулта корупција“ фрлаат сомнеж врз транспарентното работење на владата и искрената намера во борбата против коруцијата:

„Едно од очекувањата кои што одат кон оние што носат одуки и спроведуваат закони е транспарентноста во нивното работење. Единствено тоа се предусловите за успешна борба против корупцијата.“

ЈАКА 80, Тутунскиот комбинат, Охис, Фершепд, случувањата во Министерството за одбрана во кој првообвинет е поранешниот премиер Владо Бучковски чие судење имено денеска почнува, беа дел од случаите осомничени за корупција кои што власта почна да ги разрешува, а за што нејзините постапки беа позитивно оценети. Но, разрешувањето на случаите со коруптивни елементи не треба да биде селективно, коментираат експертите:

„Веднаш по стапувањето на власта, луѓето кои што доаѓаат ги расчистуваат аферите кои што биле претходно. Очекуваме дека се повеќе ќе имаме случаи на постапки во однос на она што сега се случува, само така може да се покаже дека навистина сериозно се води борба против корупцијата.“

изјавува Тасева. Со сличен став и експертот Џевдет Хајредини:

„Последните случаи покажуваат дека Македонија очигледно сеуште е далеку од политички гарнитури кои сакаат да ја извлечат од дното на корумпирани земји во светот.“

Актуелниот настан со ТЕЦ Неготино е во рацете на Тендерската Комисија со која претседава вицепремиерот Зоран Ставревски, која по добивањето на дополнителните документи од конзорциумот ХАЧ треба да ги разгледа, и потоа да донесе одлука околу тоа дали и кога ќе биде потпишан договорот. Во Министерството за економија изразуваат зачуденост зошто вицепремиер Ставревски сеуште не ја закажал седницата. Во Новата-социјалемократска партија од која доаѓа и министерот за економија Вера Рафајловска велат дека случајот со продажбата на ТЕЦ Неготино, не влијаел врз односите со коалициониот парнтер ВМРО ДПМНЕ:

„Сега нема нарушување на односите, не гледам причина зошто би имало нарушување на односите. Мислам дека и Владата сигурно е во правец на тоа дека приватизацијата на ТЕЦ Неготино мора да биде чиста.“

Посочува Горан Мисовски од НСДП.
XS
SM
MD
LG