Достапни линкови

Ал Гор и Мешувладината комисија за климатски промени добитници на Нобеловата награда за мир


„Норвешкиот Нобелов комитет реши годинашната награда за мир подеднакво да биде поделена меѓу Меѓувладината комисија за климатски промени и Алберт Ал Гор за нивните напори за изградба и ширење на сознанието за климатски промени предизвикани од човекот и за создавање мерки потребни во борбата против таквите промени.“

Соопшти Оле Данболт Мјоес од Норвешкиот нобелов институт во Осло. Годинава за наградата беа кандидирани сто и осумдесет поединци и организации и поради вообичаената тајност на Нобеловиот комитет јавноста само можеше да шпекулира кој може да биде добитникот. Сепак главен фаворит беше поранешниот американски потпретседател Ал Гор за неговата работа во мобилизирањето на јавноста на климатските промени во светот. Неговиот документарен филм Непријатна вистина предизвика широка дискусија за глобалното затоплување, а годинава беше и носител на Оскар. Номинирани беа и поранешниот фински претседател Марти Ахтисари за посредничките напори во решавањето на некои конфликти, вклучувајќи го и статусот на Косово, дисидентскиот виетнамски свештеник Тич Гуанг До и руската адвокатка за човекови права во Чеченија Лидија Јусупова. Инаку, гледано од историска перспектива Нобеловата награда е поврзана со многу неуспешни избори. На пример многумина од сега заборавените лауреати од пред стотина години со своите акции воопшто не успеаа да ја запрат Првата светска војна. Слично беше и во врска со светската војна потоа. Нобеловиот комитет често избираше личности кои повеќе проповедеа, отколку што работеа за мирот во светот. Како потсетување е примерот со заедничката Нобелова награда за мир на лидерот на Палестинската ослободителна организација Јасер Арафат и израелските лидери Шимон Перес и Јицак Рабин. Во поново време Нобеловиот комитет повеќе е насочен спрема луѓето кои работат во поврзување на народите, што е едно од барањата на основачот на наградата Алфред Нобел. Имено во тестаментот составен во илјада осумстотини деведесет и шестата година овој шведски индустријалец бара добитниците на наградата за мир да бидат луѓе кои придонесуваат за братство меѓу народите, за намалување на вооружувањето и за одржување мировни конференции. Во изминативе неколку години Нобеловиот комитет, се чини повеќе е свртен кон хуманитарните, еколошките, па дури и комерцијалните аспекти на градењето мир. Колку за пример ланскиот добитник беше банкарот Мухамед Јунус од Бангладеш за неговите микрокредити во помагањето на сиромашните да дојдат до свој мал бизнис.
XS
SM
MD
LG