Достапни линкови

Градоначалниците сметаат дека законот не овозможува целосна децентрализација на полицијата


На речиси еден месец пред целосното стапување во сила на законот за полиција, градоначалниците од ДУИ, партија за која е спорен законот бидејќи смета дека не се децентрализираат овластувањата, велат дека ќе го спроведуваат законот, но најавуваат и некои како што велат проблематични ситуации:

„Ние ќе видиме што ќе ни предложи министерот, од досегашното искуство на кадри кој ги има предложено немаме добро искуство. Советот според законот може да ги врати сите три предлози, тоа го предвидува законот, па тој пак да има в.д. командир шест месеци, па повторно по истекот на овие месеци да ни даде три нови предлози, и така може тие да го ,,тераат,, целиот мандат на оваа локална самоуправа, бидејќи се знае дека најголем дел од градоначалниците се од озпозициските партии.“

Изјави Аргетим Фида градоначалник на Дебар кој е од редовите на Демократската унија за интеграција. За да се избегнат ваквите ситуации вели тој, ние сметаме дека локалната самоуправа треба да ги предлага трите лицата, а министерот да го има крајниот збор. Фида објаснува дека со овој закон проблемот е во тоа што голем дел од надлежностите отануваат кај централната власт, а не се префрлуваат на локалната:

„Таа вертикална оска на командување останува многу појака, од хоризонталната оска што е со локалната самоуправа. Надлежностите пак остануваат целосно на министерот за разлика од градоначалникот. Вие гледате во светот секаде, командирот на полицијата му репортира на градоначалникот за се што се случува, а во овој закон тоа не се случува.“

Од Министерството за внатрешни работи пак велат дека една од главните цели, децентрализацијата е застапена во повеќе насоки:

„Една од насоките е уделот на локалните власти и советите на општините при изборот на командирите на полициските станици. Така што веруваме дека со тоа значително ќе се подобри соработката помеѓу полицијата и граѓаните односно локалната власт. Се зголемуваат ингеренциите на идните сектори за внатрешни работи, така што и во тој дел тие ќе имаат поблиска соработка со граѓаните.,,

изјави Иво Котевски од МВР. Од министерството информираат дека до предвидениот рок ќе се исполнат сите предуслови за целосно стапување во сила на законот, формирани се осумте сектори, избрани се началниците на секторите за внатрешни работи, а во тек е процедура за избор на командирите на полициските станици.
XS
SM
MD
LG