Достапни линкови

Никогаш неможе да има енергетска криза за оние што имаат пари, потенцираат експертите


Енергетските власти и натаму тврдат дека Македонија не е во енергетска криза и покрај дефектот на најголемиот снабдувач со енергија во земјата РЕК Битола, проблемите со намалениот увоз на струја од Србија, подолго исклучениот РЕК Осломеј, потоа проблемите со продажбата на ТЕЦ Неготино, а згора на се сушната зима и сушното лето поради што производството на струја е помало и во хидроцентралите:

„Македонија не се соочува со енергетска криза. Значи постојните капацитети на ЕЛЕМ работат во обем на своите можности. Осломеј работи речиси со 90% од својот капацитет, се очекува во најскоро време и првиот блок на РЕК Битола да влезе во погон. Што се однесува до вториот блок на РЕК БИтола кој е во редовен технички ремонт се очекува да влезе во мрежа до 20-ти октомври.“

Вели Мирче Котевски портпарол на Електрани на Македонија. Од ЕЛЕМ посочуваат дека тенденциозно и намерно се создава паника околу енергетската криза. Дефекти на електраните, како што тврди портпаролот Котевски имало и во изминатите години:

„Само можам да ви кажам еден податок дека на пример Осломеј имал 11 испади во периодот од јануари 2006 до 30 септември 2006 година.“

И додека покрај сите проблеми властите велат дека непостои енергетска криза, а неодамна вицепремиерот Зоран Ставревски дури посочи дека Македонија би можела и да извезува струја, според експертите ваквите најави се во најмала рака нереални. Професорот од Електротехничкиот факултет Константин Димитров енергетската криза ја дефинира како финансиска:

„Значи никогаш неможе да има енергетска криза за оние што имаат пари. Вие може да купите електрична енергија и ако дадете малку повеќе вие ќе ја земете и готово. Второ ако сте имале пари ќе сте си направеле капацитети нема да чекате некој да ви ги прави, значи повторно тоа е финансиска криза.“

Експертите објаснуваат дека секоја земја со стратегија на десет години речиси го дуплира производството на енергија со изградба на нови капацитети, за разлика од државава каде со налетот на модернизација се зголеми и потрошувачката на струја, а ништо не е вложено. За можните решенија професор Димитров посочува:

„Гасот може да направи во Скопје имате 200 мегавати моќност само за греење на градот, со тие мегавати можете да ослободите цел еден РЕК за индустријата само, а греењето да оди на гас.“

забележува професор Димитров.
XS
SM
MD
LG