Достапни линкови

Ветон Сурои, член на косовскиот преговарачки тим повикува на подготовка на теренот за независност


Членот на косовскиот преговарачки тим Ветон Сурои побара од косовските институции да го одредат точниот временски рок за подготовка на теренот за независност. Сите подготовки, според неговата оценка, траба да бидат завршени до крајот на годинава. Владата на Косово пак смета дека за сите законски подготовки е одговорна и опозицијата, бидејќи таа учествува во преговарачкиот тим за статусот.

Претседателот на опозиционата партија ОРА Ветон Сурои смета дека Косово има обврска да учествува во преговорите, но има и обврска да го донесе Уставот, со што ќе биде подготвено да функционира како држава во моментот на прогласувањето на својата независност.

„Институциите треба да го подготват Косово за независност. Ние треба да учествуваме на преговорите, но институциите се обврзани спрема граѓаните и тоа треба да го сторат до крајот на годинава. Потребно е да се одреди јасен временски рок за подготовка на Уставот, законите, усвојување на симболите. “

Претставници на косовката влада пак, сметаат дека ваквиот повик на Сурои е неприфатлив. Портпаролот Авни Арифи потсетува дека уставот, симболите и другите закони што се предвидени со пакетот на Марти Ахтисари се во надлежност на преговарчкиот тим чиј член е и Сурои.

„Работата на Уставот, законите и симболите ја надгледуваат работни групи на преговорачкиот тим, а не владата. Затоа преговарачката екипа е таа која треба да ја забрза својата работа. “

Инаку, членовите на преговорачкиот тим претходно соопштија дека на директните преговори со Белград в петок во Њујорк ќе ја претстават волјата на албанците за независност, како и меморандумот за добрососедски односи со Србија.

„Нашата разлика е концептуална, бидејќи во Њујорк не одиме да бараме нешто од Белград, дозвола за независност или деведесет и пет насто автономија. Одима таму да понудиме доброседски односи меѓу две независни држави.“

Изјави Сурои кој предупреди дека е неопходно да се одреди временски рок за незвисност, бидејќи прашањето на Косово би можело да зависи и од светските движења, како што е се Иранската нуклеарна програма и претстојните избори во Русија.
XS
SM
MD
LG