Достапни линкови

Високите цени на нафтата може да предизвикаат бран поскапувања, велат домашните експерти


80 насто од македонските државни девизни резерви се во евра и поради тоа не постои опасност од голема загуба предизвикана од падот на американскиот долар, уверуваат од НБМ. Вице гувернерот Димитар Богов, објаснува дека десетте проценти девизни резерви кои се во долари не може да се заменат со друга валута:

„Во секој случај, без разлика на вредноста на доларот ние ќе мораме да имаме одредени девизни резерви во долари бидејќи дел од плаќањата во поглед на увозот или други плаќања по основ на кредити или други транскации ни се врзани со доларот, така што, неминовно е да имаме таа структура.“

Останатите десет насто од резервите се во злато и мал дел други валути. Македонија која порано своите резерви ги чуваше во долари, ги сменила во евра пред неколку години. Доларот пак на светските берзи во последните неколку месеци постојано достигнува рекордно ниско ниво во однос на еврото. Проценката на професорот Петрит Положани е дека рапидното губење на вредноста на американското платежно средство не може да изврши големо влијание врз македонското стопанство во однос на увозот и извозот:

„Ние повеќе имаме трговски аранжман со ЕУ. Меѓутоа, може да има дел, имплицитно да делува во нашата надворешна трговија, но не во голема мерка.“

Според годишниот извештај за 2006 година на Министерството за финансии, извозот на Македонија во САД е помалку од еден насто од вкупниот извоз, а увезува речиси исто. Од друга страна, паралелно со овој процес, на светските берзи забзано расте цената на нафтата. Македонија пак е целосно зависна од увозот на овој дериват:

„Тоа може да има поскапувања, знаеме дека тоа е основен елемент што се употребува во повеќе дејности и може да има поскапувања.“

Поскапувањата на прехрамбените продукти веќе почна, тоа пред се се должни на сушното лето што влијаеше на недостиг од некои земјоделски култури.
XS
SM
MD
LG