Достапни линкови

Кога веќе се задолжуваме, средствата мора да се искористат за развојни проекти, велат експертите


Има ли политика и маркетинг во потегот на актуелната влада, која на почетокот од годинава соопшти дека ќе го раздолжи долгот кон ММФ и Светската Банка, а неколку месеци подоцна потпишува договор за повторно задолжување на земјава пред мегународните институции. Имено, деновиве со потпишувањето на договорот од страна на министерството за финансии државава повторно се задолжи кај Светската банка со три кредити во висина од 53 милиони евра со рок за исплата од 17 години и со каматна стапка од либор плус 0,3 отсто. Експертите не гледаат оправданост во ваквиот потег на владата, во услови на како што таа постојано потенцира, ефикасен буџетски прилив и високи девизни резерви:

„Во услови кога имаме девизни резерви кои што растат пераманентно и покрај сите раздолжувања, а гледаме и структура на растечки буџетски приливи, што значи дека средствата со кои што Македонија располага за да регулира одредени такви активности ми се чини дека во доволна мера се присутни и дома.“

Објаснува професорот од Американскиот колеџ Томе Неновски. Кој анализирајќи го овој потег на владата вели дека најверојатно таа оценила дека на некој начин треба да ја продолжи соработката со Светската банка. Сепак вели професор Неновски кога веќе е донесена одлуката за ново задолжување, средствата од кредитите мора да се искористат вистински за развојни проекти:

„Навистина да се реализираат одредени проекти од кои што ќе имаме пошироки позитивни реперкусии во смисла на отварање на нови работни места, продуктивни цели во стопанството.“

Според експертите секоја актуелна влада не треба да тргнува од намерата за задолжување пред меѓународните институции затоа што долгот би го враќала некоја наредна политичка гарнитура, бидејќи во крајна линија тоа го плаќаат граѓаните на Македонија.
На новото задолжување со три кредити кај Светската банка реагира и опозицијата:

„Угледот на Република Македонија се цени преку капацитетот за благовремено отплаќање на наталожениот долг пред мегународните кредитори.“

Истакнува Емилијан Станковиќ од Социјалдемократскиот сојуз. Во Владата пак потегот прво да се раздолжува, а по неколку месеци повторно да се задолжува, го правдаат со фактот дека со овие кредити се добива и техничка помош од Светската банка:

„Она што беше вратено не ја исклучува можноста во иднина повторно да се задолжуваме, се разбира со проценка дека се работи за многу поповолни услови и дека ќе бидат значајни за реформи кои што владата ги презема.“

Со 53-те милиони евра од Светскта банка, ќе се подржуваат проекти во земјоделието, транспротот и трговијата, реформите во судство, децентрализацијата, и во други области.
XS
SM
MD
LG