Достапни линкови

Освен косовското прашање ќе се испитува и напредокот на Македонија, Хрватска и Турција


Министрите за надворешни работи на Европската Унија на дводневниот состанок во Вијана ду Костело во Португалија со обемен дневен ред: од идниот косовски статус, преку ситуацијата на Блискиот Исток, новиот европски договор за поцврсто поврзување, до односите со Русија. На министрите на Европската Унија утре ќе им се приклучат и шефовите на дипломатиите на земјите кандидатки за членство во Унијата: Македонија, Хрватска и Турција.

На состанокот, како што е најавено, евроминистрите ќе го испитаат напредокот што овие три земји го имаат направено досега за приклучување кон Европската Унија. Во тој контекст, односно натамошното проширување на Унијата, ќе биде и расправата за уставната реформа. Имено, досегашниот договор предвидува Европската Унија да функционира со дваесет и седум членки, па за секое проширување е потребно тоа да биде сменето. Освен Хрватска чиј прием, според некои очекувања, би требало да се случи по две илјади и десетата година, Турција останува со натамошното противење на Франција која и нуди статус на привилегирано партнерство, но и Македонија врз која виси заканата од вето на Грција ако претходно не биде изнајден компромис за името. ,,Не доаѓа предвид Скопје да се зачлени во НАТО или во Европската Унија доколку не се согласи на име прифатливо за сите,, повтори синоќа премиерот Костас Караманлис. Единството на Европската Унија, како што наведуваат експертите, е неопходност во врска со решавањето на косовскиот статус. За таа цел е и извештајот што за министерскиот состанок во Португалија го подготви европретставникот во посредничката тројка на Контакт групата Волфганг Ишингер за првиот состанок што тројката го имаше со делегации на Белград и Приштина во минатата недела во Виена.

„Не би бил добар дипломат доколку не би го покажал мојот оптимизам. Јас сум реалистичен оптимист дека би можело да постигнеме добар напредок.“

Изјави пред состанокот во Виена Ишингер кој претходно прв како можност за решението на статусот ја спомна и поделбата на Косово доколку за тоа се согласат и двете страни. Но, во Брисел велат дека Унијата засега не го разгледува тоа.

„Европската Унија се придружува на водечките принципи на Конаткт групата и тие не вклучуваат поделба.“

Изјави деновиве еврокомесарот за проширување Оли Рен. Претставници на косовските албанци и на србите кон крајот на месецов треба повторно да се состанат со посредство на тројката на Контакт групата. Токму заради траењето на дополнителните преговори, според официјален Вашингтон, не треба да употребуваат закани. ,,Доколку насилството се врати на Косово, тоа би значело чекор назад за регионот, за Србија и за жителите на Косово,, изјави портпаролот на Стејт департментот Том Кејси.
XS
SM
MD
LG