Достапни линкови

Според законите формално-правно партиите имаат право да именуваат училишни директори


Првите денови од септември меѓу просветните работници поминуваат во амбиент на политички тензии и непотребна политизација, недоверба и жаришта на судири меѓу просветните работници. Слично е како минатата година кога едни ги обвинуваа своите претходници за политичко прогонство. Една од нив е професор Јулија Петровска која е разрешена од функцијата 15 месеци:

„Немам одделенија, едноставно никој не сака после 18 години работен стаж да ме сместат во една обична паралелка, а да не зборувам како магистар од кој што повеќе можат да добијат, а не да изгубат. Јас седам во канцеларија и буквално набљудувам.“

Се менуваат наставници вработени на одредено време како што доагаат новите политички гарнитури, но и оние што се на неопределно време го делат моментот на притисок во зависнот од тоа кој ја води институцијата. Претседателот на Синдикатот на образованието Дојчин Цветановски „крева раменици“ бидејќи формално-правно според важечките закони партиите имаат право да именуваат директори:

„Дефинитвно има многу политика во изборот на директорите. Ако е партиски директорот, многу е веројатно дека после тоа и изборот на наставници што според законот е препуштено на директорот исто така ќе се случи по партиска линија. Единствено решение е да се тргне политиката, најпрво од именувањето на директорите.“

Наставниците и професорите пак посочуваат дека се чувствуваат дополнително незаштитени од политизацијата и со новата децентрализација:

„Ако се пожалиш во првиот блок што би рекле директор, педагог, тие „ќе кренат раменици“ и ќе речат јас имам наредба од погоре и неможам ништо да сторам.“

Според законот за локална самоуправа училишниот одбор доставува предлог за директор до градоначалникот. Листата се состои од само еден човек. Токму поради ова се разгледува можноста за промена на законот. Во меѓувреме со своевидната институционализација на политичките пресметки во училиштата како да се заборава на учениците и на тоа дека и училниците стануваат место каде што децата го гледаат и она што не треба да го видат:

„Кај едни има револт зошто вака се прави, а за други лошиот апсект на ваквите случувања е дека ќе си каже: добро во оваа држава ние можеме да успееме само ако сум член на некоја партија, се друго нема критериум и вредност.“

Ова најдобро го знаат педагозите и психолозите:

„Не треба омразата да ја промовираме и пренесуваме во смисла на добри и лоши, улогата на пријателот и непријателот или она што би рекле „партизани и германци.“

вели психијаторот Вујовиќ.
XS
SM
MD
LG