Достапни линкови

ММФ не забранува и сака само фискалната дисциплина, но прашање е какви ќе бидат последиците?


Следната недела во земјата ќе допатува делегација на Меѓународниот монетарен фонд при што со Министерството за финансии ќе ги разгледува последните мерки на владата за намалување на данокот на додадена вредност за лековите, јавниот транспорт и компјутерите како и зголемувањето на платите за администрацијата и нивното влијание врз буџетот. На средбите ќе се разгледа и досегашниот економски развој и реформите во оваа насока. Македонија има тригодишен стенд бај аранжман со Меѓународниот монетарен фонд, кој почна во август 2005-та година и треба да заврши во август 2008-та година. Според обврските согласно овој аранжман земјата мора да гарантира фискална дисциплина. Од Министерството за финансии пред очекуваната посета на делегацијата на ММФ велат дека актуелниот аранжман дозволува реализација на одредени реформи, па така и оние за намалување на даноците и зголемувањето на платите, само доколку тоа не го наруши буџетскиот дефицит што владата го договори со ММФ и гарантира дека ќе го одржи:

„Се додека буџетските расходи не надминат дефицит од 1% колку што е зацртан со аранжманот за 2007 година, ММФ нема никакви забелешки.“

Изјавува Мартин Мартиновски портпарол на Министерството за финансии. Во минатото, како што беше случај кога стечајните работници со нерегулиран статус бараа решавање на нивниот материјален статус или пак се бараше зголемување на платите, неможноста да се реализираат овие мерки се правдаа со одговорот дека тоа не го дозволува ММФ. Меѓународниот монетарен фонд го интересира само фискалната дисциплина, а сега овие реформи се дозволени поради поголемите средства во буџетот собрани од даноците и од економското заживување на земјава, потенцираат од Министерството за финансии:

„Имено стапката на раст на БДП за првиот квартал од 2007 година забележа пораст од 7% односно пораст забележаа сите сектори, при што најизразен беше порастот на индустриското производство 11,6%. Тоа овозможува владата да преземе ваква мерка за зголемување на платите.“

Посочува Мартиновски. И експертите потенцираат дека ММФ дозволува флексибилни реформи доколку не се наруши фискалната политика. Тука нема да има противење од Фондот, но друго е прашањето што ќе се случи во подолг период, вели пак еконмскиот експерт Абдулменаф Беџети.

„Како ќе биде понатаму целосната фискална структура која што еве буџетот го претвори чисто во административен социјален инструмент без таа економска, развојна димензија.“

Доколку не се следат рамките децидно изразени во секој аранжман определен од ММФ, истиот може да биде прекинат.
XS
SM
MD
LG