Достапни линкови

Странските инвеститори влегуваат таму каде што имаат гаранција за профит, велат експертите


Странскиот капитал влегува таму каде што има профит и кога имаат одредена гаранција дека ќе остваруваат добивка, вака економските експерти го коментираат неуспехот втор пат по ред преку тендерска постапка од страна на владата да се продадат скопската хемиска фабрика ОХИС и фабриката за електронски делови ЕМО од Охрид. Професорот од Европскиот Универзитет Зоран Ивановски во оваа насока објаснува:

„Општо правило е дека странскиот капитал влегува таму каде што има профит и јас тука го гледам проблемот. Тие се стопански капацитети кои што не носат профит во еден подолг временски период.“

Поради проблематичноста на овие два гиганта кои што не гараантираат добивка во еден одреден период, според професорот Ивановски треба да се прилагодат и условите за нивната продажба:

„Веројатно ќе треба да се оди на намалување на цената која што ја бара Владата за да бидат тие поприфатливи.“

И инволвирањето на политиката во стопанството е клучен фактор во заинтересираноста или не на странските инвеститори за влез во Македонија. Економските експерти во случајот на ОХИС сметаат дека пречка за продажбата на оваа фабрика претставуваат и можеби последните настани поврзани со компанијата, односно статусот на менаџерскиот кадар и проблемите околу акционерскиот пакет. Стручната јавност смета дека преку продажбата државата губи два клучни капацитети:

„Дали државата треба да ги задржи? Јас мислам дека треба да се обиде за да немаме повторно нова армија на отпуштени работници. Мислам дека не одговара просторот на ОХИС да биде голф терен. Сметам дека не треба да се губат стопанските капацитети, затоа Владата треба да пронајде модус како да ги направи уште поатрактивни, меѓутоа и да им даде некоја слобода на инвеститорите.“

Изјавува професор Зоран Ивановски. И економскиот аналитирач Шабан Првала смета дека треба да се инситира на трајно решение во случајот на ОХИС и ЕМО:

„Треба да се инсистира на едно трајно решение, а тоа е пред се е да дојде капитал и мора да дојдат луѓе способни за управување со таквите објекти.“

Истакнува Првала. Двете фабрики ОХИС и ЕМО првично се нудеа преку берзанска аукција, владата го поништи овој модел и реши фабриките да ги продава преку меѓународен тендер, тогаш потенцираше дека на овој начин ќе се обезбеди повисока цена и сериозни инвеститори. Двете тендерски постапки досега беа неуспешни.
XS
SM
MD
LG